Достапни линкови

logo-print

Опозицијата огорчена, разочарување и во дел од СДСМ


Незадоволство и разочараност кај опозициските партии и кај некои од пратениците од владеачката СДСМ, во врска со постигнатиот договор меѓу коалициските партнери во однос на пакетот закони за децентрализација, кои синоќа добија виза и од претседателствата на СДСМ, ЛДП и ДУИ. Во СДСМ велат дека едногласно е прифатен ваквиот предлог од нивното претседателство и централниот одбор на партијата:

„Постигнавме компромис којшто беше прифатен. Со одложување на проблемите и со одложување на решението можеби малку подобро ќе се чувствуваме политички како партија, меѓутоа само ќе ја влошиме ситуацијата. Ни требаше одлучен чекор,“

изјави Радмила Шеќеринска.

Но, дека не е баш така, потврдува изјавата на пратеникот од оваа партија Тито Петковски, кој вели:

„Преговорите не беа транспарентни, правени се тајно и луѓето, дури и членовите на органите не се упатени во многу детали за коишто станувало збор при преговорите. Според тоа, јас како пратеник ќе кажам свое мислење на седницата на Собранието, бидејќи имам обврска и спрема граѓаните.“

Експресно синоќа реагираше и лидерот на најголемата партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски:

„Ова што ќе го гледаме во наредните години ќе биде иселување на Македонците од овие територии коишто денеска се спорни и дискутабилни. Навистина жалам што СДСМ за разлика од ДУИ е заинтересиран исклучиво за задржување на своите фотељи и позиции во владата.“

Незадоволство и кај луѓето на екс лидерот на оваа партија Љубчо Георгиевски:

„Повикуваме на масовни протести од страна на граѓаните на Република Македонија за ова важно прашање. Понуденото законско решение за новата територијална поделба на Република Македонија сметаме дека е навистина катастрофално и можеме да кажеме дека ја води Република Македонија во една неизвесна иднина,“

изјави Ден Дончев.

Без реакција сеуште остануваат во опозициската ДПА, од каде најавуваат доразгледување на постогнатиот договор на владините партнери. Пакетот закони денеска треба да помине на вонредна владина седница, по што би требало да се најдат пред пратениците. На 7 август, пакетот закони за децентрализација треба да биде усвоен во Собранието. И да се закажат локалните избори во законски предвидениот рок. Партнерите во владта конечно постигнаа договор, Скопје двојазично, Сарај и Кондово се приспојуваат кон главниот град, а во рамките на градот Скопје, Албанците во Чаир ќе бидат над 50 насто. Струга ќе биде со доминантно албанско население, а Кичево останува во постоечките граници до 2008 година, кога кон оваа општина би требало да се спојат Зајас и Осломеј.
XS
SM
MD
LG