Достапни линкови

Специјализирани судови за поефикасно судство


Како дел од реформите на судството во повеќе закони се вршат измени или нивно прилагодување кон европското законодавство. За реформи, според Агим Мифтари претседателот на судии во Македонија, не може да стане збор без нивно фокусирање меѓу другото и врз организацискиот закон, односно законот за судови со чии измени се предвидува нивно растоварување од предмети со отворање на специјализирани судови:

„Се смета дека сегашната поставеност на судството, не одговара, затоа што првостепените судови се обременети со комплетната постапка кај нив, затоа мислењата се дека можеби треба да се прејде во основање на посебни специјализирани судови, меѓутоа тоа решение мора да го даде законот за судовите.“

За едно такво евентуално основање на специјализирани судови како на пример за управни предмети, за стопански предмети и работни спорови, решение треба да изработи Министерството за правда односно комисијата што е формирана за таа цел. Според Агим Мифтари неопходно е при тоа комисијата да се води од анализа за тоа какви и кои специјализирани судови се потребни.
Во меѓувреме во работата на македонското законодавство останува приоритетно прашањето за борба против организираниот криминал. Мифтари потсетува дека во оваа борба против најтешкиот криминал, пред државата и судството претстојат низа обврски:

„Треба да има специјализација во Министерството за внатрешни работи, да се создаде тим кој ќе работи во борба против овој криминалитет. Веќе е донесен закон за јавно обвинителство каде е предвидено тело, група која ќе работи само на овој тежок криминалитет. Пречка за таква организација во судовите е сегашниот закон за судовите кој не предвидува ваква специјализација.“

Реформите во законодавството се во тек. Тие постојано и во домашната и меѓународната јавност се посочуваат како еден од условите за прием на нашата земја во Европското семејство. Во таа смисла, Мифтари се согласува дека од нивното спроведување ќе зависи и одговорот на државата во борбата против организираниот криминал и корупцијата, проблеми кои се сметаат за клучни.

„Ние предложивме, четири Основни судови и трите Апелациони судови, како и одделот за казниви дела на Врховниот суд, да имаат обука или специјализација на тие судии кои ќе работат на овој вид криминалитет. Тоа е онаа специјализација која што би се направила до донесувањето на законот за судовите, поинаку ова прашање неможе да се реши во судството.“
XS
SM
MD
LG