Достапни линкови

Денеска, Владата ќе го каже конечниот став


Локалните избори може да се одложат само доколку биде изменет законот за локални избори кој беше усвоен минатиот месец. Според измените на овој закон, изборите мора да се распишат 90 дена пред нивното одржување. Не може само со изразување политичка волја меѓу владините коалициски партнери да се одложат изборите, мора да се почитуваат законите, велат експертите:

„Член 7 став 1, зборовите најрано 90 дена, најдоцна 60 дена пред истекот на четири годишниот мандат, се заменуваат со зборовите во денот недела, во третата седмица во месец октомври, тоа стои во новиот закон со измени и дополнувања. Како и да е, 7 август мора да се распишат, без разлика дали ќе се земе 17 или 24 октомври за одржување на изборите. Значи сега, со новите промени во законот е во денот недела во третата седмица во месец октомври. Сега тоа ќе мора да го сменат во законот за локални избори, затоа што во спротивно ќе го повреди законот.“

објаснува Тања Каракамишева, доцент по политички систем на Правниот факултет. Таа вели дека не постојат рокови, пакетот закони за децентрализација да се најдат пред пратениците. Доколку Владата донесе одлука тие може да се најдат наредниот ден пред пратениците, но расправата по тие закони мора да заврши до 7 август, вели Каракамишева:

„Нема некои посебни процедури во кои што се запазуваат некои рокови. Го нема она на пример, дека ако се договорат во Влада за 10 дена да мора да дојдат во Собрание, нема такви рокови. Ниеден закон не е врзан со такви рокови, освен ако се работи за закони кои што се носат по итна постапка.“

Инаку во преговорите меѓу владините партнери во однос на пакетот закони нема голем напредок велат во СДСМ и ДУИ. Вечерва според партиски извори претседателството на ДУИ би требало да се изјасни за новиот предлог, Скопје двојазично, Струга со доминантно албанско население, а кон Кичево да се припои Осломеј, а не и Зајас со што албанците во Кичево би биле околу 43%.
Во СДСМ велат дека кај нив постои добра воља да се прифати вакво решение, иако досега никој не се произнел за ваквиот предлог.
Доколку коалициските партнери неуспеат да се договорат и по однос на овој предлог, тогаш дефинитивно престојните локални избори ќе се одложат најмалку за месец дена, што подразбира дека одмор за пратениците летово ќе нема. Ќе се работи и во август, велат во Министерството за локална самоупава.
XS
SM
MD
LG