Достапни линкови

logo-print

Ванчо Узунов, економски експерт. Неусогласеноста во податоците ја искривува сликата во македонската економија


Според податоците на Заводот за статистика, индустриското производство, веќе пет – шест месеци бележи континуиран пад и тоа со стапки од 20, 30 и 40 насто во однос на истиот период од лани. Според последните податоци и кај БДП е регистриран пад, до кога со вакви резултати?

Да, податоците тоа го покажуваат, меѓутоа, ние тука повторно влегуваме во еден синдром на Македонија. Ние во ништо не веруваме, се сакаме да мислиме дека е некаква или нечија намештаљка или нешто такво. Меѓутоа, во овој случај има некоја основа, затоа што се споредува индустриското производство со овој ист период лани. Тоа е еден вид анализа, но зошто никој не направи анализа да ги спореди производството со просек од претходни три години или она што е побитно за економијата, со некоја година, што се зема како репер со стални цени. Затоа што е многу можно, лани поради некоја причина, цените да биле искривени, па годинава, статистиката покажува втор вид искривеност. Значи, потребна ни е анализа. Друго, точен е податокот дека паѓа и БДП спореден со истиот период лани, истата значи забелешка, меѓутоа во исто време се појавува еден друг податок дека извозот расте, и тој податок може да е спорен, затоа што и тој треба да се спореди со стална година. Меѓутоа, тоа изгледа многу контрадикторно. Ако индустриското производство паѓа, а Македонија освен индустриски производи, јас не сум чул дека извезува многу услуги, тоа до сега, не била компонента битна за извозот. Која продукција го покачува извозот? Таа не се бележи? Едно објаснување е дека лани се направиле залихи, па годинава се продаваат, ама таа е смешна. Втората можност е дека лани истите производи биле реализирани по послаби цени, годинава затоа што биле во долари, па сега се во евра, има пораст. Меѓутоа, и таа претпоставка не е многу веродостојна, бидејќи не можете вие туку така да го свтрите извозот, особено ваков извоз како Македонија. Значи, очигледно постои многу јасна неусогласеност меѓу податоците и тоа фактички ја искривува и сликата. Затоа не може и фактички да се направи терапија, нема дијагноза.

Дали е издржав аргументот дека поради неработата на рудниците и топилницата, индустриското производство регистрира такви падови, со оглед на фактот што овие капацитети не работеа ниту во истиот перидод минатата година?

Мене таа изјава повеќе ме нервира од друг контекст. До кога ќе гледаме само да не ни застане тоа производство? Очигледно се работи за отсуство на структурни промени. И јас воопшто не би се плашел да има пад, нека има пад, многу работи во Македонија требаше да паднат и индустриски производства и позиции и луѓе на позиции, и во стопанството мислам, не само во јавниот живот. Меѓутоа, треба едно време да се роди ново, тоа што не се создава ново мене ме нервира.

Дали можеби одговорот не лежи во фактот дека Македонија веќе 13 години живее транзиционен период и не случајно некои економски експерти веќе коментираат дека овие резултати не треба да не изненадуваат со оглед на фактот што се работи за системска криза, која не започнува од почетокот на 2004, туку трае веќе десетина години?

Суштината е во следното: 13 години живееме во транзиција, нешто променуваме, а ништо не сме промениле на крај. Транзицијата за нас е завршена, законската рамка е сменета, веќе не сме во социјализам, ние живееме во еден премногу суров капитализам. Тоа е факт. Е сега, да видиме како тоа да го направиме да биде што подобро. А, не уште чекаме да заврши некој преод којшто е завршен, а промени нема.
XS
SM
MD
LG