Достапни линкови

logo-print

Почнуваат блокади на повеќе магистрални патишта и булевари во Скопје


Во наредните три дена од попладне до вечерните часови почнуваат блокадите на повеќе магистрални патишта во земјава и неколку раскрсници и булевари во Скопје, во знак на протест на ВМРО ДПМНЕ поради планот на Владата за пакетот закони за децентрализација, потврди портпаролот на партијата Влатко Горчев:

„Блокадите ќе ги изведат членовите на ВМРО ДПМНЕ, но и сите оние граѓани кои не се задоволни од територијалната поделба“

Но МВР предупредува дека на магистрални патишта протести не се дозволени. Портпаролот Горан Павловски во таа смисла најавува:

„Според правилникот за безбедност на патниот сообраќај, блокирање на сообраќајница не е дозволено. Во интерес на непречено одвивање на сообраќајот, ќе бидат преземени мерки, протести да не бидат воопшто одржани затоа што ќе нема можност да се направи еден вид „бај пас“ на патниот сообраќај. Значи во интерес на непречено одвивање на сообраќајот онаму каде што мора полицијата ќе мора да реагира. Нормално, на почетокот со употреба на мирни методи.“

По овие предупредувања од Министерството за внатрешни работи, во ВМРО ДПМНЕ засега не коментираат која би била нивната солуција и одговор од блокадите во случај на нивно отстранување туку:

„Само би ја потсетиле оваа власт, дека во времето на владеењето на ВМРО ДПМНЕ се организираа околу 200 протести и ниту еден од нив не беше насилно спречен, така што ќе видиме како ќе се одвиваат работите во текот на блокадите.“

Блокадите на автопатиштата треба да почнат од 18 до 21 часот. Се планира да бидат поставени на делови од патот Кичево-Охрид, Битола-Прилеп, како и пред граничните премини Меџитлија и Богородица. Во Скопје блокадите ќе бидат организирани на излезот од Скопје и во општините Чаир и Бит пазар.Со нив ВМРО ДПМНЕ и граѓаните сакаат да го искажат незадоволството од решенијата што се предлагаат со територијалната поделба.

„Ова е еден симболичен начин на определување на граѓанско незадоволство кон властите кои несакаат да го слушнат гласот на народот и после успешно одржаните референдуми, вкупно 40 во Република Македонија, вклучително и во општина Чаир.“

вели градоначалникот на општина Чаир, Аце Миленковски.
Министерот за локална самоуправа Алекасандар Гештаковски вели оти Владата ќе настојува да земе предвид предлог решенија кои би биле прифатливи, но не под форма на притисок.

„Владата ги респектира таквите изразувања на граѓанската волја, но сигурно дека Владата настојува тие да бидат во рамките на законските прописи и да не ја надминат онаа линија во делот на загрозување на животот и попречување на функционирањето на граѓаните во другите сфери особено со блокирањето на патните правци.“
XS
SM
MD
LG