Достапни линкови

logo-print

Зголемен бројот на бездомниците


Според податоците, само во Скопје живеат повеќе од 300 бездомници, во 145 евидентирани импровизирани живеалишта, а поголемиот дел од нив под „ведро небо“. Иако, бројот на бездомниците е најголем во главниот град на државава, овој проблем го има во речиси секој град, а веднаш зад Скопје според податоците е Битола со 176 евидентирани лица. На ударот на „суровиот живот“ единствениот начин за преживување им е просењето, и талкањето низ улиците чекајќи милостина од случајните минувачи или околните соседи во моменталното живеалиште. Токму таква е и приказната на Медија, млада девојка чие лице говори дека не е постара од 18 години, а веќе има три деца и тежок живот зад себе, со просење и понекогаш спиење на улици:

„Спиеме на улици, немаме пари, просиме.“

Она што загрижува е, фактот дека во државава не постои ниту еден прифатен центар за згрижување на овие лица. Обидот од пред неколку години на невладината организација која работи на проекти поврзани со бездомништвото, Хуманитарен македонски центар, да отвори прифатилиште за овие луѓе, не наишол на слух кај надлежните институции:

„Ние за две години тропнавме на сите можни врати и сите врати ни беа отворени, ама секогаш кога требаше нешто да се реализира, постоеја проблеми од технички аспект за да не може да се реши,“

вели Тони Дабески претседател на Хуманитарниот македонски центар.
По многу години непостоење ниту на правна регулатива, но ниту на волја за да им се помогне или за да се згрижат овие лица, надлежното Министертство за труд и социјална политика, дури оваа година формираше посебно одделение за социјално исклучени лица и најавува конечно отварање на прифатилиште за бездомниците.

„Се работи за измени и дополнувања на законот за социјална заштита. И сега во рамките на тие измени доаѓа и делот за посебни нови форми на социјална заштита на одредена популација од најголем ризик, меѓу кои и бездомниците. Ќе биде формирано засолниште, прифатилиште, како форма на социјално згрижување,“

изјавува Сузана Велкова од Министерството за труд, раководител на новоформираното Одделение.

Досега оваа категорија на луѓе немаа право на никаква социјална заштита, но со сегашните измени во Законот, освен прифатилиште и покрив на глава, на овие лица ќе им бидат овозможени и основните форми на заштита, кои треба да ги воведат во процесот на нивната реосоцијализација.
XS
SM
MD
LG