Достапни линкови

Македонија во ЕУ во 2013


Сите Балкански земји ќе станат членки на Европската Унија до 2015. Ова деновиве го оцени Виенскиот Институт за меѓународно споредување на економиите. Според Институтот, Македонија ќе влезе во Унијата во две илјади и тринаесетта.

Во новата студија на Виенскиот институт за меѓународно споредување на економиите се наведува дека и натаму се големи разликите меѓу земјите во Југоисточна Европа кои чекаат да бидат примени во Унијата. Стопанствата на Бугарија и на Романија, како земји со статус на кандидати, релативно брзо растат и тие најверојатно по три години ќе влезат во Европската Унија. Третата земја која го има иститот статус Хрватска, според проценката на Виенскиот Институт, би можела тоа да го постигне во две илјади и деветата. Стопанствата на Босна и Херцеговина, Македонија и Србија и Црна Гора заздравуваат, но тие се уште не се во можност во целост да го искористат својот потенцијал, се наведува во студијата. Експертите на институтот, по Хрватска, како следен кандидат за прием во Европската Унија, ја гледаат Македонија. Според нив, таа би можела да стане членка во две илјади и тринаесетата, по што, две години подоцна, би следеле и приемите на Албанија, Босна и Херцеговина и, како што се наведува, Србија, Црна Гора и Косово. Сите тие веднаш потоа, освен Црна Гора и Косово, каде што еврото веќе се користи во платниот промет, ќе бидат подготвени да влезат и во таканаречената еврозона. Виенскиот институт исто така, прогнозира дека оваа година, што се однесува до директните странски инвестиции ќе биде плодна за Балканските земји. Имено, тие би требало да пораснат за триесет насто и би требало да бидат пред се, врз основа на приватизација. Се прецизира дека Хрватска по директните странски инвестиции по жител е најблиску до новите членки на Европската Унија. Од нив пак, годинава, најмногу би требало да привлече Полска, околу пет милијарди евра, по што следуваат Чешка и Унгарија.
XS
SM
MD
LG