Достапни линкови

logo-print

За признавање на документите издадени од УНМИК на Косово


Македонската влада донела одлука за признавање на документите од цивилниот сектор кои се издаваат од страна на УНМИК на Косово. Тоа е со цел да се олеснат административните потешкотии со кои се соочуваат косоварите во Македонија при венчавка или слично, вели Министерот за правда Иџет Мемети.

„Реално граѓаните се соочуваат со проблеми поради непризнавање на документите од граѓанската материја, од матичните евиденции, како и од одлуките на судовите од Косово. Во таа насока Министерството за правда, заедно со Министерството за надворешни работи и со Министерството за внатрешни работи, достави информација во која се согледани тие проблеми и Владата заклучи, односно донесе одлука со која им наложи на извршните органи во иднина да ги признаваат сите документи што се од евиденциите на граѓаните. Тоа значи што произлегуваат од матичните книги, било тоа да се на родени, венчани, умрени итн.. како и документите што произлегуваат или пак ги издаваат судските власти во Косово.“

Министерот Мемети вели дека од денеска веќе граѓаните од Косово без проблеми може да ги извршуваат своите административни работи во Македонија:

„Верувам дека од денешен ден таа работа докрај е реализирана и сите овие документи, веќе нема пречка и нашите органи ги признаваат.“

Тоа го потврдуваат и од МВР:

„Министерството за внатрешни работи донесе упатство според кое, од денеска документите издадени од матичната евиденција од УНМИК ќе бидат валидни. Нивната важност ќе биде идентична како и на документите издадени од надлежната служба на Србија и Црна Гора.“

изјави портпаролот на МВР Горан Павловски.
Инаку Македонија пред повеќе од една година ги призна пасошите издадени од УНМИК како и патните исправи.
XS
SM
MD
LG