Достапни линкови

Брисел порачува: Не брзајте!


Колкав е бројот на судиите во земјата, со колку компјутери располага судството, колку се планира да се набават, постои ли центар за стручно усовршување на судиите, има ли тој центар стратегија и каква? Колку предмети се водат како нерешени, колкав е точниот број на регистрирани невладини организации, колку точно студенти студираат на факултети во странство, има ли на македонскиот пазар производи од азбест, какви се правилата за транспорт на опасни материи, колкав е бројот на организациите за заштита на потрошувачите, колкав е бројот на жалби на потрошувачите и колку од нив се решени, како се означуваат прехрамбените производи, како и каде се врши нивната контрола, според кои стандарди, колку се тие согласни со европските?. Ова се само мал дел од прашањата што Европската комисија и ги упати на Хрватска во прашалникот што како урнек се користи во подготовките на македонската администрација за тестот со кој Европската комисија ќе го оценува капацитетот на Македонија да биде земја кандидат за членство. Прашалниците во Скопје доаѓаат во септември но:

„Процедурата за подготовки внатре, веќе ја започнавме.“

вели Вицепремиерката задолжена за евроинтеграции Радмила Шеќеринска. Во секое министерство посебно веќе се формираат тимови од 5 до 6 луѓе што ќе бидат посветени само на овој проект. Пораката од Брисел е подгответе се добро и не брзајте. Клучен критериум не е брзината со која ќе одговорите туку квалитетот.

„Многу е поважно тоа да бидат добри одговори, отколку тие да бидат дадени брзо“

вели европретставникот Сорен Јенсен Петерсен . Според Шеќеринска прашалникот на Европската комисија со фамозните 3 до 4 илјади прашања всушност повеќе е тест за ефикасноста на државниот капацитет, отколку вистинска потреба на Брисел да дознае нешто повеќе за нас:

„Не смееме да имаме дилеми, прашалниците се тука само за наша интерна вежба, тие не се тука за Европската комисија да направи ренген снимка на македонското општество, бидејќи тие таа веќе ја имаат и како што ќе се менува ситуацијата во Македонија тие информациите ги добиваат, кога ги добиваме и ние, паралелно! Значи никој не смее да има дилема, дека со одговорите на прашањата ние треба да насликаме розова слика за Македонија, напротив тоа ќе биде сватено како многу несериозно.“
XS
SM
MD
LG