Достапни линкови

Без поголеми изненадувања за Македонија


На самитот во Истанбул за Македонија нема да има изненадувања.

“Ќе има позитивна оценка за прогресот кој Македонија го направи во изминатите две години. Ќе има дополнителна реафирмација на принципот, отворени врати, охрабрување…Македонија заедно со Хрватска и Албанија, да ја засили реформата во своите држави, но и да ја засили регионалната соработка.,,

накусо реферираше пред заминувањето во Истанбул министерот за одбрана Владо Бучковски. Основната причина поради која се смета дека повеќе од позитивна оценка за сработеното, не можат да добијат амбициозните членки на Јадранската група е фактот што самитот во Истанбул не е самит на проширување. Тоа ќе биде следниот собир на врвот на Алијансата за кој сеуште не се знае кога ќе биде одржан иако се смета дека тоа ќе биде за две години. Затоа 2006 е целна година за македонските напори за членство, а времето по Истанбул е клучно за спроведувањето на реформите, вели Бучковски.

“Клучот за успехот на реформите во следните две години, до моментот кога ја очекуваме поканата за полноправно членство во НАТО ќе биде имплементацијата на стратегискиот одбрамбен преглед. Ако досега повеќе се одеше на создавање на атмосфера на декларативни изјави и на привични потези кои значат реформски процеси, сега веќе кога сме навлезени во имплементацијата на овој стратегиски одбрамбен преглед ќе се види и вистинскиот реформски потег во одбраната.,,


Поставување временска цел е полезна работа, оцени амбасадорот на НАТО во земјава Николас Бигман. Тој вели, Македонија имаше доцен старт на реформи но навистина направи голем исчекор:


“И ако продолжи вака како што сега оди мислам дека имате мошне добри шанси да бидете поканети на следната рунда проширување, кога таа и да биде. Мислам дека е добро поставена цел да се работи со очекување на покана 2006-та. Да се продолжат овие реформи и во двеилјади и шестата да можете да кажете погледнете идни сојузници тоа е она што ние го постигнавме.,,
XS
SM
MD
LG