Достапни линкови

Уште еден чекор за затоплување на односите


Американскиот претседател Џорџ Буш е на уште една европска турнеја која може да се смета за уште еден чекор за обновување на Трансатлантските релации, нарушени со војната во Ирак. Денеска и утре тој во Ирска е на самит со лидерите на Европската Унија посветен на ирачката иднина, нуклераните намери, борбата против меѓународниот тероризам и американско европските трговски прашања. Потоа, Буш заминува во Турција на самитот на НАТО.

Ирскиот самит е последен од неколкуте средби во изминатиов месец меѓу Џорџ Буш и европските лидери. И како и состанокот на Групата Осум во Џорџија и прославата на Денот Д во Нормандија ја оддржува надежта во затоплувањето на трансатлантските односи. Барем малку. Аналитичарот Мајк Емерсон, директор на Центарот за Европски прашања во Брисел не очекува многу:

„Ова може да биде самит на неефикасни претседатели. Буш, од една и Проди од другата страна. Значи тоа не може да биде којзнае колку важен настан.“

Емерсон притоа посочува: Проди е на заминување од функцијата претседател на Европската комисија, а Буш се соочува со тешка битка за негов реизбор во ноември годинава. Според Емерсон, неодамнешниот самит на Групата осум најразвиени земји во светот покажа дека хармонијата меѓу американците и европејците е далеку од перфектна.

„Таму имаше обид да се развие една важна Блискоисточна иницијатива. Но, дотогаш европејците не сторија многу за иницијативата. Тоа сугерира дека тие се уште имаат проблем со американската администрација, околу генералната стратегија во тој регион.“

Гијом Парментие од центарот за Соединетите Држави во Париз го дели мислењето на Емерсон дека состанокот во Ирска е од помало значење.

„Проблемот со евро американскиот самит, е што тој, општо гледано, е од формална природа. Ние не најдовме пат да го претвориме во сериозна политичка рамка, особено поради тоа што европејците се уште го немаат детерминирано балансот на одговорностите меѓу државите членки и Европската Унија.“

Парментие исто така забележува дека Соединетите Држави и Европската Унија се двата најголеми трговски ентитета во светот.

„Ќе се разговара и за состојбата на светскиот економски систем. Впрочем ваквите самити се главно поради економските прашања.“

Марк Џојс од Кралскиот институт во Лондон е пооптимист во врска со ирскиот самит.

„Постојат знаци дека е направена многу добра работа во подобрувањето на евро американските односи. На тоа му претходеше тешка дипломатска работа во изминатата година.“

Вели Џојс, додавајќи дека дополнителен импулс во тоа ќе дадат и новите источноевропски членки на Унијата. Инаку, по Ирска, америкнаскиот претседател Џорџ Буш заминува за Турција на разговори со турските лидери и на самитот на НАТО во Истанбул.
XS
SM
MD
LG