Достапни линкови

logo-print

Шансите за успешно усвојување нејасни


Минатонеделниот договор на лидерите на Европската Унија за текстот на првиот Устав на Унијата беше крај на еден долг пат. Но, исто така, тоа го означи почетокот на друг уште потежок, бидејќи Уставот сега мора да биде ратификуван од секоја земја членка. Некои од нив веќе одбраа да одржат референдуми за ова прашање. Шансите да успеат се нејасни.

Лидерите на дваесет и пет членки на Европската Унија конечно се согласија околу текстот на новиот Устав. Успехот беше круна на интензивните напори за надминување на разликите меѓу членките на Унијата. Но, сега се појави друг проблем. Документот мора да биде одобрен од секоја земја посебно. Најскептичните од нив, како Британија и Данска, решија да спроведат национални референдуми, кои, според сегашното јавно мислење во тие земји, тешко дека ќе успеат. Политичкиот коментатор на весникот ,,Свенска Дагбладет,, Андрес Јунсон смета дека основната причина за ваквата загриженост на јавноста во тие земји, е во тоа што Европската Унија никогаш не била способна да ја дефинира сопствената крајна цел.

„Ако погледнете во историјата на Унијата секогаш ќе видите дека тие одат напред, па запираат, па потоа се враќаат назад. Причина на сето тоа лежи во неодговореното прашање што всушност претставува Европската Унија. Дали таа е форма на соработка меѓу суверени држави или федерација.“

Вели Јунсон. Филозофските разијдувања меѓу овие две сфаќања се големи и, по се изгледа, остануваат клучни и во сегашното прашање за новиот Устав. Имено, оние што се за поголем суверенитет на членките сметаат дека со Уставот се зголемува централизацијата на Унијата. Оние другите што се за силен европски сојуз пак, во Уставот гледаат ограничување на политичката моќ на центарот, бидејќи со него се лимитираат евро властите во Брисел. Според Јунсон, тоа може да го зголеми ризикот Европската Унија наскоро да ја загуби кохезијата што ја градеше половина век.

„Некои земји би оделе напред и повеќе би ја развивале коопрецијата, додека други нема да го прават тоа. На таков начин, секако, би добиле Унија која не е цврсто поврзана.“

Со мислењето на Јунсон дека Унијата треба да има појасна идеја за нејзините насоки се согласува и Антони Камински, аналитичар од институтот за политички студии во Варшава. Но, Камински додава дека нема да биде катастрофа и доколку новиот Устав не биде поддржан на референдумите.

„Европа е проект во движење и затоа би требало постојано да дискутираме за основите на европската интеграција. Станува збор за отворен проект и затоа не мислам дека неприфаќањето на Уставот би претставувало трагедија.“

Оценува Камински, од Институтот за политички студии во Варшава.
XS
SM
MD
LG