Достапни линкови

logo-print

Гордана Силјановска, професор на правниот факултет во Скопје. Онаму каде што отсуствуваат објективни критериуми и има емоции тешко се доаѓа до решение


Професор Силјановска сведоци сме на жестоки дискусии во владеачката коалиција околу децентрализацијата. Зошто дебатата меѓу коалициските партнери е толку проследена со емоции и како вие го објаснувате таквиот оддек во јавноста?

Јасно ви е зошто, и одговорот ќе биде психолошки. Онаму каде што отсуствуваат објективни критериуми и каде што се оперира со емиции, тешко може да се дојде до решение. Кога ние пред себе би имале физибилити студија, во којашто ќе се види од 96-та година, до сега, што се случи, на локален план. Дали новоформираните општини покажаа знаци на способност за одржлив развој. Дали во тој период се подобри инфраструктурата, дали беше изградено некое училиште, здравствен дом, дали се подобрија услугите на локален план, тогаш ние ќе оперираме со параметри. Меѓутоа, во целата оваа расправа, јас имам впечаток дека не зборуваме за децентрализација, туку зборуваме за употребата на јазикот. Кога зборувате за нешта, како што се, јазик, име, симболи, тогаш многу тешко се работи за нешта во кои има страст. Нешта, што се доживуваат со емоции, и природно е дека тогаш тешко може да се постигне договор.

Што требаше да се направи, а што ни се случи?

Владата требаше да си формира експертски тимови или парламентот. И видете, расправата, треба да се одвива во владините простории или во парламентарните простории. Власта се извлекува од институциите, значи се де-институционализира, или морам да кажам се рекомпонира, и се лоцира во некои петорки, шесторки, во кои учествуваат лидери на партии, пратеници, портпароли, не знаеме кои се овие личности. Со самото тоа владата, себе си се делегитимира, а легитимитетот се лоцира во некои тајни преговарачи кои ние не ги знаеме. Апсурдно е коалиционите партнери меѓу себе да не може да ги решаваат проблемите во владата и парламентот, туку да ги решаваат по Охрид, по некои тајни средби, бидејќи, таму расправата е нетранспарентна и се е дозволено. Кога не поседувате знаење, кога не ги познавате компаративните искуства, што ви преостанува друго, освен да велите, дека не го даваме Кичево, дека небаре го наследиле, оти видете, мене понекогаш оваа расправа ме потсетува на времето на Јован Безземја, кога можел да подарува градови. Кичево не им припаѓа на преговарачите, ниту на коалиционите партнери, па ниту на опозицијата. Кичево им припаѓа на луѓето коишто живеат во Кичево. Ниту нив ги прашуваат, ниту пак локалните власти. Се обидоа граѓаните во 40-тина општини, демократски да ја земат дел од власта во свои раце. Кажаа што мислат на референдуми. Тие повеќе беа инспирирани од духот на повелбата за локална самоуправа, односно од членот 5, одошто од ветувањето на тогашниот премиер, сегашен претседател. Некој сега им вели не, погрешно сте ме ме разбрале, власта ни припаѓа нам, на преговарачите, а не вам.

Какви се мотиви препознавате во прекројувањето на општините?

Која е логиката од град со 27,500 жители, да направите Кичево, град од 50,000 жители. Каква врска има тоа со процесот на децентрализација? Бидејќи, случајно, јас не сум само експерт за локална самоуправа, туку и за избори, велиме дека, во изборното законодавство, секаде во светот, е забранета изборната геометрија. Значи, вие не можете да скроите, изборна единица, во случајов, општина, во која ќе победите. Звучи лошо, меѓутоа, во овие општини, во Струга и во Кичево, во пост социјалистичкиот период, редовно победува опозицијата. Вие сега, преку ноќ, не правите само изборна геометрија, туку правите и демографска геометрија. Значи, на 27,500 додавате, 22,000 жители. Ве молам, каква врска има ова со децентрализацијата? Истиот проблем се поставува и со Струга. Значи, мојата препорака беше, да не посегаме по оние општини каде што може да има проблеми, а нема врска дека се работи за неразвиени општини, општини без можност за развој. Тогаш, повторно ќе ги разбудиме емоциите, ќе излезат лошите духови и никој нема да размислува за подобриот живот, туку ќе размислува за јазик, за симболи, за историја...

Ако етничкиот критериум е клучниот, и тој се чини се сведува на прашањето на двојазичност, можеме ли тогаш да говориме за состојба во која некој победува, а некој губи?

Губитници се граѓаните. Граѓаните, без оглед на етничката и верската припадност, бидејќи граѓаните сакаат подобар живот, граѓаните сакаат подобра здравствена заштита, подобра социјална заштита, почиста средина, ќе се согласите дека тоа нема врска со етничкиот критериум. Мене ме плаши дека во трка по фамозната бројка 20, ние може ќе почнеме и да се преселуваме за да може да ја стигнеме неа. Меѓутоа, каква врска има двојазичноста со ова? Ако некој смета дека е потребно да се воведе двојазничност, тоа може да се направи надвор од овие етнички прекројувања. Бидејќи, во уставот има одредба која вели, дека дури и во општините во кои под 20 насто е застапена некоја заедница, со одлука на Советот може да се ослучи и јазикот на таа заедница да биде во службена употреба. Ако е јазикот, клучното нешто, тогаш промашено е прашањето на децентрализацијата, тогаш ние сме лингвисти. А, не сме приврзаници на процесот на децентрализација.

Се добива впечаток, дека целиот процес на децентрализација, без оглед на суштинското значење, некако се сведе на политички театар?

Не само што се работи за политички театар, се работи за театар на апсурдот. Оти јас бев шокирана, кога портпаролката на ДУИ изјави дека договорот за Кичево и за Струга е постигнат уште во време на воспоставувањето на коалицијата. Зошто тогаш ние глумиме децентрализација и луѓе коишто се заколнати демократи, бидејќи децентрализацијата навистина е услов за демократија. Значи, ако е тоа така, ние треба да се концентрираме на надлежностите, бидејќи тоа е функционалната димензија на децентрализацијата. Да видиме има ли економски и човечки капацитет за менаџирање на овие надлежности, тоа е првата димензија. И втората е, како да создадеме фискален капацитет, како да создадеме, финансиски претпоставки за реализација на овие надлежности. Сте чуле ли вие ваква дискусија?

Дали со тоа го објаснувате вклучувањето на меѓународните претставници во деблокадата на преговорите во рамките на коалицијата и каква порака испраќа Македонија на тој начин?

Сигурно дека кога домашните управувачи, значи, не можат да најдат решение, тогаш по зелени маси ќе се бара решението. Меѓутоа, власта во Република Македонија, коалиционите партнери, мора да бидат свесни за следново, и во претставата на граѓаните, но и во претставата во светот, кога вие не покажувате способност да ги решите проблемите во процесот на донесување одлуки сами, дека се делегитимирате. Секое учество на меѓународна заедница во самостојна, независна и суверена држава го поткопува легитимитетот. Не дека тоа го бара меѓународната заедница. Многу убаво портпаролката на ЕУ рече дека ако се побара од нас тоа ќе го направиме. Не беа тие први кои истрчаа да дадат помош. Туку замислете, оние коишто се избрани од народот за да ги решаваат нашите проблеми велат, не ние не сме способни за тоа и ни треба посредник.
XS
SM
MD
LG