Достапни линкови

Стимулирање на преработувачката и рестрикции на увозот


Протестираме, затоа што, очигледно владата не сака да го реши нашиот проблем. Симболичното истурање на млекото, значи дека чашата се прели и ние друга алтернатива немаме. Сто илјади лица кои живеат од млекопроизводството се доведени на работ на пропаста, тврдат млекопроизводителите, кои денешните протести ги започнаа од пред Собранието на Република Македонија. Статистиката вели, веќе 40 дена дневно неотупени остануваат околу 200 илјади литри млеко:

„Млеко останува и се фрла на селските буништа. Краватството е доведено на работ на пропаста,“

вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците. Според млекарите, нивните барања упатени до владата, воопшто не се тешки за исполнување. Треба само да се има добра волја:

„Да се направи малку рестрикција во увозот на млеко и млечни производи. Да се стимулираат преработувачките капацитети, за да може полесно да бидат конкурентни за извоз и да се отвори простор за нашето млеко,“

вели Александар Заревски, претседател на млеко производителите од битолскиот регион.

Воведувањето на премии за земјоделските производи е работа којашто ја практикуваат сите европски земји кои имаат намера да го заштитат земјоделското производство. Премиите кај нас се мисловна именка:

„Треба да се даде некоја премија на млекопроизводителите затоа што ние не можеме да ги покриеме трошоците.“

Проблемот е, што најповиканите и покрај сите наши барања, не реагираат, вели Заревски:

„Најпрвин треба да не сфатат министрите за економија и земјоделие.“

Министерот за економија Стевче Јакимовски одговара, од млечната криза победници ќе излезат млекопроизводителите:

„На краток рок можеби најмногу ќе трпат, но на долг рок јас сум длабоко убеден дека ова е во нивна полза, затоа што млеко во прав нема да се става во млекото.“

Македонските млекопроизводители се најзаштитените производители во Македонија и затоа решението треба да се бара во зголемување на квалитетот, продуктивноста и капацитетите за производство, а не во добивање на бенефиции од страна на државата, тврди Слободан Кутревски директор на Пекабеско, коментирајќи ги денешните протести:

„Вие сте групација најмногу заштитена во оваа држава, вие имате царина за млеко и кашкавал и сирење.“
XS
SM
MD
LG