Достапни линкови

Граѓаните во постојана потрага од аптека во аптека


Хроничниот недостаток од лекови од позитивната листа, ниту овој месец не ги заобоколи рафтовите на „Градски аптеки“. Проблемот што најмногу ги погодува хронично болните луѓе го илустрираат неколку искуства, од денешната обиколка на повеќе аптеки во градот:

„Карши Беко, во трговски кај Градска Болница, главно таму барам, и ми рекоа, од понеделник, секогаш од понеделник велат, а барам лекови за срце. Нема постар човек од 50 години да не користи лекови за срце и за притисок, а баш тие ги нема.“

Од „Градски аптеки“ велат дека испораката на лекови од позитивната листа доцни. Причина за последниов пример, според надлежните, претставува доцнењето во печатењето на бандеролите. Соња Тасевска, директор на „Градски аптеки“ објаснува:

„Техничките проблеми се надминати, очекуваме во текот на неделата да се надмина и овој проблем.“

Во „Градски аптеки“, не отфрлаат, дека проблемот со обезбедување доволно количини лекови од оваа листа, постојано е присутен:

„Снабдувањето со лекови е поврзано со обезбедени и лимитирани средства од Фондот за здравство. Доставата на лековите е во првите десет дена од тековниот месец. А, издавањето на лекови за хорничните заболувања, е лимитирано на едно месечна терапија, која нашите пациенти, а осигуреници на Фондот за здравство на Република Македонија, ја подигаат во првите денови од месецот, што создава редици во аптеките. За најкористените лекови во терапијата, се случува, количините да завршат уште во првиот ден од испораката.“

Во меѓувреме, пациентите велат:

„Нема, ако сакате со плаќање, со пари да си купите, тоа има, а тие од позитивна листа, што одат на рецепта, нема.“

Надежите се свртени кон новиот начин на работа, што го најавува Фоднот за здравство:

„Основното начело е да се добијат лекови коишто ќе бидат на тендерот на Фондот за здравство што е поминат. Лекот со најмала цена којшто е, да може да има континуирано снабдување. Меѓутоа, се дава слобода на пациентот, да може со доплата, од друг производител, да го добие истиот лек за истата болест.“

Новиот начин на работа на „Градски аптеки“ со лековите од позитивната листа, треба да стартува, според најавите, од 1-ви идниот месец.
XS
SM
MD
LG