Достапни линкови

logo-print

Овој пат, наместо економијата, во фокусот Ирак


На годишните самити на Ге осум, лидерите вообичаено се фокусираат врз економијата. Но овој пат, во американската држава Џорџија, средбата на врвот на седумте најразвиени земји во светот, плус Русија беше посветен главно на безбедноста во Ирак.

Говорејќи на прес конференцијата, по завршувањето на самитот на Ге осум, американскиот претседател Џорџ Буш изјави дека е нереално да се очекува уште земји членки на НАТО да испратат свои војници во Ирак.

„Не очекувам да бидат понудени дополнителни сили од НАТО. Тое е нереално очекување. Никој не го сугирира тоа. Она што го сугерираме е НАТО да помогне во обучувањето на ирачките безбедносни сили. А тоа ќе дојде по барање од ирачката влада.“

Покрај Соединетите Држави само уште три земји земји од Групата осум имаат свои сили во Ирак, Британија, Јапонија и Италија. Другите четири, Канада, Франција, Германија и Русија од почетокот се противат на ирачката војна. И покрај резолуцијата на Советот за Безбедност на Обединетите Нации, која во вторникот беше едногласно одобрена, со која се поддржува новата ирачка преодна влада, нема никакви сигнали дека овие четири земји ќе го сменат својот став околу испраќањето сили во Ирак. Тоа најдобро се гледа од изјавата на францускиот претседател Жак Ширак по завршувањето на самитот со која тој повтори дека е против мисија на Западната Алијанса во Ирак.

„Секое мешање на НАТО во тој регион ќе предизвика многу ризици, вклучувајќи го тука и ризикот од конфронтација меѓу христијанскиот запад и муслиманскиот исток.“

Германскиот канцелар Герхард Шредер потенцирајќи дека со едногласната резолуција за Ирак, конфликтите стануваат дел од историјата сепак изјави:

„Разговарав со претседателот Буш и му реков што ние можеме и не можеме да направиме. Тој не очекува Германија да испрати сили.“

Што се однесува до улогата на НАТО во таа земја, аналитичарите очекуваат таа да биде појасна по самитот на Алијансата што кон крајот на месецов ќе се одржи во Истанбул. Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин, на прес конференцијата во Џорџија изјави дека американската Демократска партија нема морална основа да го критикува претседателот Џорџ Буш за ирачката војна. Тој притоа оваа војна ја спореди со воздушната кампања против Југославија пред пет години спроведена поради косовската криза. Путин забележа дека администрацијата на демократот Бил Клинтон го одобри НАТО бомбардирањето врз Југославија. Инаку, на самитот на Ге осум беше прифатена американската иницијатива за демократски и социјални реформи на Блискиот Исток, Северна Африка, Авганистан и Пакистан. Осумте лидери постигнаа и согласност за формирање нови трупи за брза реакција до . Станува збор за седумдесет и пет илјади мировни сили кои треба да помагаат во кризните региони во светот. Од економските прашања, лидерите се согласија за две години да биде продолжена програмата за поддршка на најсиромашните земји која истекуваше на крајот од годинава.
XS
SM
MD
LG