Достапни линкови

Буш во Европа


Американскиот претседател Џорџ Буш денеска заминува за Европа по повод 60 годишнината од Денот Де, односно инвазијата на Нормандија во Втортата Светска Војна. Во Франција, главно со скептицизам се прифаќаат изјавите на Буш за повлекување паралела меѓу битката на сојузничките сили против тогашна Нацистичка Германија и актуелната инвазија врз Ирак.

Буш најнапред ќе ја посети Италија, а потоа ќе отпатува и во Франција на церемонијата по повод 6 јуни 1944-та година, кога на брегот на Нормандија започна инвазијата на сојузничките сили против Нацистичка Германија. Пред заминувањето за Европа, Буш во американската воена академија во Колорадо ја спореди актуелната војна против тероризмот со битката против тиранијата во Втората Светска Војна и со Студената Војна.

„Како што настаните во Европа го детерминираа исходот од Студената Војна, настаните на Блискиот Исток ќе го определат курсот на нашата актуелна борба.“

Доколку регионот отстапи пред диктаторите и терористите, ќе биде постојана закана за Америка и за другите демократски нации, додаде Буш.

„Ако целиот регион гледа ветувања за слобода, терористичката идеологија ќе стане ирелевантна.“

Претседателот Буш заедно со францускиот претседател Жак Ширак и уште 15-тина шефови на држави во престојниот викенд ќе присуствуваат на церемониите во Нормандија. Во француските дипломатски кругови се оценува дека секое спомнување на Ирак од страна на Буш за време на церемониите, ќе биде дочекано со негодување. Во Франција постои анти-американско расположение откако официјален Париз се спротистави на инвазијата во Ирак, а најавени се и протести против посетата на Буш. Според аналитичарите, од разговорите Буш – Ширак, ќе зависи и натамошниот курс на евро-атланските релации.
XS
SM
MD
LG