Достапни линкови

Функционерите мора да ја пријават промената на имотот


Сите именувани и избрани функционери имаат законска обврска да ја пријават промената на имотот до Државната антикорупциска комисија. Станува збор за промена на имотна состојба која е еквивалентна на дваесет просечни плати во период од последните три месеци. За оние пак кои ке го прикријат несразмерно стекнатиот имот последните измени и дополнувањата на Кривичниот законик предвидуваат казна до пет години затвор. Во вакви случаи на незаконско стекнуавње на имотот и ако тој не се пријави самоиницијативно треба да интервенираат Антикорупциската комисија и Управата за јавни приходи, велат експертите.

За тоа колку функционери пак пријавиле промена на имотната состојба претседателот на Државаната антикорупциска комисија Јован Трпеноски вели:

„До сега, до комисијата се поднесени, не многу, ама сепак, онолку колку што некој од избраните лица, стекнал имот, или му се намалил имотот. Не е голема бројката, може да се мери некаде до десет најмногу. Затоа, ние сме задоволни затоа што се применува и одредбата за пријавување на дополнително стекнатиот имот. Веројатно, секој знаејќи ја својата обврска и во иднина така одговорно очекуваме да се однесува.“

Професорот од Правниот факултет Никола Тупанчески смета дека бројот на пријавени промени на имотот е многу мал

„Основната цел беше да се направи база на податоци за имотната состојба на функционерите. Може да бидеме задоволни, тоа горе – долу е направено. Околу 3000 функционери имаат дадено податоци за имотната состојба. Меѓутоа, тоа е само првиот чекор во спречување на организираниот криминал и корупцијата. Поважен е контролниот механизам, дали во меѓувреме се случува, тоа не одговара на фактичката состојба. Мал е бројот на функционери коишто пријавиле промена во имотната состојба, а и вие и јас сме сведоци дека во Македонија не е толку мала бројката на оние што енормно се збогатуваат за краток период.“
XS
SM
MD
LG