Достапни линкови

Соопштено дека се можни нови терористички напади во САД


Американскиот државен обвинител Џон Ешкрофт и соопшти на земјата да се подготви за голем напад од терористичката мрежа Ал Каида. На прес конференцијата во Вашингтон тој и директорот на Еф Би Ај Роберт Милер објавија имиња и фотографии на седум лица кои се под сомневање дека би можело да подготвуваат такви напади во Соединетите Држави.

Двете водечки личности за спроведување на законот во Соединетите Држави побараа од јавноста да им погнат на властите да ги најдат осомничените, како што рекоа, оперативци на Ал Каида кои можеби планираат напад во Америка во наредниве неколку месеци. Меѓу седумината се и една пакистанка, двајца канадски државјани и еден американец кој се преобратил во муслиман.

„Сите тие се бараат во врска со можните терористички закани во Соединетите Држави. Сите тие претставуваат јасна опасност за Америка. Сите тие се вооружени и опасни.“

рече Џон Ешкрофт. Наведувајќи дека американските власти имале сигурни разузнавачки информации кои посочуваат оти Ал Каида планирала напад, сепак тој изјави дека не е познато каде, кога и како тоа ќе биде изведено.

„Неколку претстојни настани во наредните неколку месеци би можело да сугерираат дека се интересни цели за Ал Каида. Меѓу нив се самитот на Џи осум што ќе се одржи во Џорџија, конвенцијата на Демократската Партија ова лето и конвецијата на Републиканците во Њу Јорк.“

Изјави американскиот државен обвинител Џон Ешкрофт на прес конференцијата во Вашингтон. Осврнувајќи се врз овие тврдења американската агенција за стратегиски предвидувања Стратфор посочува дека клучниот термин врз кој треба се фокусира вниманието е наводот на Ешкрофт оти сето ова се базира врз повеќе разузнавачи извори. Кога само еден извор ви кажува нешто, и покрај неговата кредибилност, тоа е со ограничена вeродостојност. Но кога тоа нешто ќе ти го кажат повеќе извори, кои не се познаваат меѓу себе, тогаш е време за загриженост. Соединетите Држави сега и официјално се загрижени, смета Стратфор, додавајќи: Американските разузнавачи идентификуваа седум лица за кои се верува дека се поврзани со Ал Каида. Или не можат да ги најдат или им ја загубија трагата, што не е за изненадување, ако се има предвид дека станува збор за добро обучени и мотивирани луѓе. Фактот што нивните слики се јавно прикажани, од една страна, е знак дека Федералното истражно биро е очајно. Од друга пак, Еф Би Ај се надева дека оперативците, кога ќе ги видат своите слики во јавноста, ќе ја откажат нивната мисија. Тоа не е би требало да биде добро за нивното апсење, но и така е подобро отколку да се случи катастрофален напад, наведува Стратфор.
XS
SM
MD
LG