Достапни линкови

Актуелните турбуленции во партиите се должат на прегрупирања пред локалните избори


Турбуленциите на македонската политичка сцена, посебно во опозициските партии се должат на лошата внатрепартиска организираност, сметаат експертите. Партиите во Македонија функциониаат како Акционерски друштво вели политикологот Мерсел Биљали:

„Политичките партии во Македонија сеуште не се профилирани. Често претставуваат само организација на групи и интереси, некој сака да ги покаже како акционерски друштва. Така што, при таква поставеност, лесно тежина добива волјата на некој човек, волјата на некој поединец, значи, тоа покажува дека не функционираат доволно институциите на политичките партии и поради тоа доаѓа до турбуленции.“

На Македонија потребна и е силна опозиција, и недоразбирањата во ВМРО ДПМНЕ, според Биљали нема да траат долго:

„Важно е таа опозиција да биде силна и конструктивна. Без овие компоненти тешко може да се контролира власта. Јас мислам дека ова нема долго да трае и објективно ние имаме амбиент за да има силна опозиција.“

Внатрепартиските несогласувања во албанскиот политички блок не се експонирани во јавноста пред се поради затвореноста на овие партии, вели политикологот Ѓорѓи Иванов:

„Отсекогаш албанскиот политички блок бил многу позатворен од македонскиот. Кај албанските партии тоа се прави многу подалеку од очите на јавноста.“

Смената на неколку локални партиски функционери во ДПА и тоа поради лошите изборни резултати, според Иванов се должи на престојниот трансфер на моќта од централно на локално ниво:

„Во целиот процес на децентрализација, голем дел од моќта се пренесува на локално ниво, што значи и финансиски и влијанија на односи во секојдневен живот, токму тоа партиите сакаат да сочуваат свое влијание и на тоа ниво.“

За разлика од него Биљали вели:

„Дури и да е вината на локалните функционери, сепак одговорноста е кај главните носители на функции во партиите.“
XS
SM
MD
LG