Достапни линкови

„Златната палма“ за Мајкл Мур


Контроверзниот американски писател и режисер Мајкл Мур ја доби Златната Палма на Канскиот филмски фестивал за неговиот критички поглед на администрацијата на претседателот Џорџ Буш. Некои велат дека Франција на ваков начин уште еднаш му испратила јасна порака на Буш дека е против војната во Ирак. Но, дека тоа не е така, кажува податокот оти во жирито на Канскиот фестивал само еден член беше французин додека четворица беа американци.

Филмот на Мајкл Мур, насловен како ,,Фаренхајт девет, единаесет,, обвинува дека Џорџ Буш ги украл американските претседателски избори во две илјадитата година и оти тој има тесни блиски бизнис врски со роднини на лидерот на Ал Каида, Осама Бин Ладен. Филмот, исто така е многу критички настроен против инвазијата на американската администрација врз Ирак. Kултниот филмски режисер Квентин Тарантино, кој беше претседател на жирито на годинашниот Кански фестивал, како што соопшти Мур, му изјавил оти политиката немала ништо со одлуката на жирито Златната Палма да му биде доделена на ,,Фаренхајт девет, единаесет,,. Така, за прв пат од илјада деветстотини пеесет и шесттата година највисоката Канска награда ја понесува еден документарец.

„Беше бурно неколку недели, бидејќи го загубивме нашиот американски диструбутор. Но, среќен сум да соопштам дека сега имаме дистрибутор во Албанија. Така, сега секоја земја во светот ќе може да го види, освен една.“

Рече Мур, по добивањето на наградата, а во врска со тоа што продуцентот на неговиот филм, компанијата Волт Дизни одби да го дистрибуира во Соединетите Држави со образложение дека е премногу политички обоен во година кога во земјата се одржуваат претседателски избори. Мур пак има друго видување за ваквата одлука. Тој ја обвини компанијата за цензерство, обвинувајќи ја дека се плаши да не ги загуби даночните олеснувања во Флорида каде што е еден од најголмеите Дизниленд паркови во светот и каде што братот на Џорџ Буш, Џеб е гувернер. Инаку, реакциите на официјален Вашингтон за канскиот успех на Фаренхајт девет, единаесет, според агенциите, биле студени. Претставничката на Белата Куќа Сузи де Франсис, изјавувајќи дека Америка е слободна земја каде што секој има право да каже што сака, додаде оти администрацијата на Буш нема да дава натамошни коментари за филмот на Мајкл Мур. Како и да е, на годинашното доделување на наградите во Кан беше видно забележливо расположението на филмаџиите против Џорџ Буш. Имаше и такви кои отворено ги повикуваа американците да не гласаат за него на претстојните избори.
XS
SM
MD
LG