Достапни линкови

Намалениот цензус за избор на идните градоначалници ги спротистави опозицијата и власта


Во измените и дополнувањата на законот за локалните избори кои веќе се влезени во собраниска процедура, се предвидува цензусот за избор на градоначалниците да биде намален, и тие да се избираат со само една третина од вкупниот број на запишани гласачи. Наместо претходната одредба, според која, општинските татковци, исто како и претседателот на државата, се бираа со 51 процент од вкупниот број на гласачи. На овој предлог, жестото реагира опозицијата и вели дека владеачките партии на ваков чекор најверојатно се одлучике поради слабиот одзив на неодамна одржаните претседателски избори:

„Најверојатно за нас предлогот нема да биде прифатлив, поради тоа што цензусот се намалува на една третина. Значи, тоа е јасен сигнал дека власта е свесна за состојбата во која се наоѓа, значи свесна е дека после претседателските избори ја немаат поддршката кај народот, оној цензус од 50 насто, така што одат на намалување на цензусот, онолку колку што може да соберат гласачи,“

изјавува Жарко Караџовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој додава дека градоначалниците со процесот на децентрализацијата добиваат многу поголеми ингеренции, причина поради која според него, тие мора да бидат избирани со мнозинство гласови. Целта на предлогот, според СДСМ, пак, е изборите да бидат функвионални и успешни:

„Од наша страна, претпоставуваме дека опозицијата се чувствува несигурна за натпреват на изборите и не е сигурна дека може да ги добие изборите, па затоа се крие зад цензусот, па се надева на неуспех на изборите, односно недоволен одзив, што е крајно недемократски и не е во интерес на граѓаните,“

вели Борис Кондардко од СДСМ.

За ДПА предлог измените во законот за локална самоуправа е прифатлив, но оваа партија предлага и друго решение:

„Според нас, најдобро решение е да се оди во еден круг, затоа што ќе бидеме сигурни дека сите оние кои конкурираат, сите општини ќе имаат свои градоначалници, ќе се избегнат и трошоците, а и другите манипулации кои може да се направат во вториот круг,“

изјавува Илијаз Халими од ДПА.

Инаку, предлагач на измените во законот за локални избори е министерството за правда, а веќе ги усвои комисијата за политички систем. Локалните избори, согласно законот се закажани за третата недела од октомври.
XS
SM
MD
LG