Достапни линкови

Голем проблем на западните економии


Американските и Западноевропските компании продолжуваат да се селат во земјите во светот каде што работната сила е поефтина. Ова појава, како што пишува Марк Бејкер, веќе почна да претставува голем проблем на Запад.

Политичарите и граѓаните во Соединетите Држави и Западна Европа се алармирани од зголемувањето на бројот на компаниите кои се селат во странство. Таканареченото отуѓување веќе стана жешка политичка тема на двете страни од Атлантикот. Во Соединетите Држави, каде што во изминатата декада се загубени стотици илјади работни места поради нивното преместување во Мексико, Кина и Индија, ова прашање може да придонесе претседателот Џорџ Буш да го загуби и своето работно место. Имено, Буш ќе се соочи со тешко реизборно гласање во ноември ако дотогаш американската економија не покаже оти може да креира нови и подобро платени места за американците. Во Западна Европа, особено во Германија, каде што економијата останува заглавена во рецесија и невработеност, постојат страхувања од натамошна економската стагнација поради долгата де индустријализација на земјата. Страхувањата се зголемија по Први мај кога десет нови, и повеќето сиромашни земји и се придружија на Европската Унија. На тоа мислење е и Винсент Коен, економист во Организацијата за економска соработка и развој. Тој сепак наведува дека губењето на работни места не е нова појава.

„Во шеесетите и седумдесетите години многу производствени работни места мигрираа за Јапонија. Потоа во осумдесетите и деведесетите тие отидоа во Југоисточна Азија и Латинска Америка. И сега може да се види како тие се селат во Кина и Индија.“

Вели Коен кој додава дека во најразвиените земји во светот не постојат доволно податоци за оваа појава. Достапните информации многу често варираат и во Соединетите Држави и во Западна Европа. Како и да е, во Европската Унија скоро секојдневно се објавуваат нови извештаи за тоа како добропознатите европски компании, за да штедат пари, ги преместуваат работните места во Балтичките земји, Полска, Словачка. Дури и во новите евро членки почна да расте загриженоста дека работните места би можеле наскоро да се преместат понаисток, во Бугарија и во Романија. Од ова посебно се загрижени синдикатите. Ендрју Ват од Европскиот синдикален институт опасноста ја гледа во две насоки: излевање на работни места и капитал и влегување на евтина работна сила од Исток. Ваквата загриженост доведоа некои постари членки на Унијата да воведат времени ограничувања за мобилноста на работниците од новите членки. Сепа, Коен смета дека фокусирањето врз оваа опасност не е докажана.

„За земјите од О Е Це Де каде што се гледа вакво заминување, постојат бенефиции во вид на нови работни места. Имено, фирмите прават повеќе пари, ги зголемуваат нивните профити, ја шират продуктивноста, а заработеното го реинвестираат и креираат нови места. Добиваат и потрошувачите, бидејќи помалку плаќаат за стоките што се произведени во странство.“

И покрај плусовите и минусите, скоро сите се согласуват дека селењето на работните места не може да биде спречено. Или накусо, компаниите секогаш ќе бараат патишта за помали нивни трошоци.
XS
SM
MD
LG