Достапни линкови

НАТО и ЕУ треба да помогнат во зголемувањето на регионалната безбедност на Балканот


Со покренувањето на нивните паралелни проширувања, и НАТО и Европската Унија се сочуваат со предизвикот на обезбедување на нивните нови граници. Приоритет е Западен Балкан, регион што во изминатава декада е поврзан со нестабилност, пишуваат во Фајненшл Тајмс, Илан Берман, потпретседател за политика на Американскиот совет за надворешна политика во Вашингтон и Борут Гргиќ од истиот совет.

Западен Балкан е фокусна точка за меѓународниот организиран криминал и шверцот. Патиштата на илегалната трговија што почнуваат некаде во Централна Азија и Далечниот Исток непрекинато продолжуваат поради порозните граници, корупцијата и слабите државни институции. Овие канали поделени од измешани криминални групи, вклучувајки ги тука албанските и руските мафии, се користат за тргување со се, од дрога до луѓе. Во анализата објавена во Фајненшнал Тајмс се оценува дека опасноста од шверцот е зголемена од појавата на регионален тероризам. Групите како Ал Каида го користат Западен Балкан како подрачје за складирање и како основа за регрутирање. Особено е погодена Босна во која се навлезени радикални исламистички елементи. Сето ова сугирира на кобно содејство меѓу тероризмот, организираниот криминал и шверцот и алармира на можноста од ширење на оружјето. Токму ваквата мешавина администрацијата на Џорџ Буш ја имаше на ум кога пред две години, во Националната безбедносна стратегија побара активни контрамерки против ширењето на оружјето за масовно уништување. Соединетите Држави потоа ја донесоа Иницијативата со која се дозволува пресретнување на авиони и бродови доколку постои сомневање оти пренесуваат такво оружје, како и иницијативата позната под името Касписка стража која пак, подразбира билатерални договори за воена соработка со земјите во тој регион. Се досега, како што се наведува во анализата, земјите од Балканот малку направија во однос на овие напори, освен што се борат да формулираат локален одговор на шверцот и организираниот криминал. Меѓутоа, регионалните политичари признаваат дека за Евроатлантската стабилност е неопходна поширока рамка. А, таквиот придонес почнува со безбедноста на границите. Балканските држави досега не беа способни ефикасно да ги надгледуваат граничните линии. Соработката меѓу нив за спречување на илегалниот транзит е во почетна фаза. Но, Балканските држави, можат да донесат нешто друго на маса. Имено, за разлика од другите делови на светот, на Балканот трговијата со оружје главно се одвива преку копнени патишта, особено низ Бугарија и Романија. Затоа напорите на НАТО, чии членки се овие две држави, мора да бидат насочени кон спречување на тој илегален сообраќај. Поактивната улога на Алијансата може да помогне во зголемувањето на важноста на Западен Балкан во Вашингтон кој пак е во потрага на меѓународни партнери за спречување на ширењето на оружјето за масовно уништување. Соединетите Држави и Европската Унија треба да помогнат зо зголемувањето на регионалната безбедност на Балканот. Така и двете страни од Атлантикот ќе бидат побезбедни, се заклучува во анализата објавена во Фајненшл Тајмс.
XS
SM
MD
LG