Достапни линкови

logo-print

Хари Костов треба да го достави предлогот за состав на новата влада


Мандатарот за состав на новата влада, Хари Костов, најверојатно утре до Собранието ќе го достави предлогот за состав на новиот владин кабинет. Распределбата на ресорите и досегашните министри остануваат исти. Промени ќе има, само во МВР. Прв човек во овој ресор, ќе биде досегашниот Директор во Агенцијата за државна безбедност и контраразузнавање, Силјан Аврамовски.

„Единствена измена е во МВР, за министер за внатрешни работи да биде предложен господинот Силјан Аврамовски, сегашен директор на ДБК. Политиките коишто требаше да се спроведуваат во МВР, целосно од негова страна, заедно во соработка со бирото за јавна безбедност се целосно остварени. Посебно, во последните месец – месец и пол, се отворени некои процеси, за коишто навистина е потребно некој човек којшто ги знае сите информации и поврзаност на некои настани со претходни случувања.“

Новиот премиер Костов, не ја исклучува можноста за реконструкција по извесен период:

„Секој министер во зависност од своите резултати сноси и лична одговорност и перманентно сме изложени на оценка на своето работење. Такво оценување ќе биде оставено за подоцна.“

Собраниската седница на која ќе се гласа владиниот кабинет треба да се одржи идната недела. Инаку, промени во владиниот состав има само во вториот и третиот ешалон. ДУИ добива заменичко место во министерството за локална самоуправа, каде ќе седне Џеват Адеми. Кадри на ДУИ ќе седнат и на местата државни секретари во министерствата за култура, финансии и надворешни работи. Другиот коалиционен партнер на СДСМ, ЛДП пак, покрај заменик министерот за здравство, се надева на местото државен секретар во Министерството за одбрана. СДСМ ќе свои државни секретари во министерствата за транспорт и врски, правда и за здравство.
XS
SM
MD
LG