Достапни линкови

logo-print

Македонија, Албанија и Хрватска со декларација ја изразија подготвеноста за влез во НАТО


Зајакнатата соработка во одбранбениот сектор, вклучувајќи и заеднички вежби, владина, парламентарна и соработката во цивилниот сектор, се само некои од постигнувањата посочени во заедничката изјава на земјите потписнички на Јадранската повелба, усвоена на денешниот состанок во Скопје, на кој освен шефовите на дипломатиите на Македонија, Албанија и Хрватска, присуствуваше и заменик помошникот државен секретар за Европа, на американскиот Стејт Департмент, Кетлин Стивенс, која рече:

„Импресионирана сум од сите активности што ги преземаат членките на Јадранската повелба и на нивните кооперативни напори.“

Последната изјава во која се посочува постигнатото ќе им биде презентирана на земјите членки на НАТО на самитот во Истанбул, заедно со очекувањата што ги потврдија министрите сумирани во изјавата на шефот на македонската дипломатија Илинка Митрева:

„Знаеме дека сме на вистинскиот пат кој води до Истанбул каде што е првата станица и каде што очекуваме признание за досегашните успеси и резултати и јасна порака дека Албанија, Хрватска и Македонија ќе бидат сериозни кандидати за следниот круг на проширувањето на алијансата.“

Трите земји ја поздравија резолуцијата за Американскиот претставнички дом, според која, на НАТО му се сугерира скорешно интегрирање на Јадранската група во Алијансата и најавија зајакнување на активностите за добивање слични декларации и од земјите од југо-источна Европа кои се веќе членки.

Во изјавата, но и во излагањата на министрите е реафирмирана поддршката на членките на Јадранската повелба, за БИХ и Србија и Црна Гора, во нивните напори да се приближат кон НАТО, програмата партнерство за мир. Како гости, на овој состанок во Скопје присуствуваат и министрите за надворешни работи на овие земји.

На состанокот се договорени заеднички активности на групата во наредните шест месеци, како што е испраќање на заеднички медицински тим на групата во Авганистан, како и заедничка посета на шефовите на дипломатиите на Брисел, каде и лично ќе биде пренесена пораката за очекувањата од Истанбул, кои како што беше речено и преку вообичаените фрази на политиката на отворени врати и да го земат предвид напредокот на Албанија, Хрватска и Македонија во исполнувањето на критериумите за членство.
XS
SM
MD
LG