Достапни линкови

Еден ден за гласање, прифатлив предлог за пратениците


Пратениците велат дека проблемот со кворум за работа во Собранието ќе биде надминат и пакетот закони од областа на одбраната ќе биде усвоен пред одржувањето на истанбулскиот самит. Во оваа насока е и предлогот на потпретседателката на парламентот Лилјана Поповска за промена на деловникот. Промените предвидуваат еден ден во неделата да се определи за гласање. За Теута Арифи од ДУИ ова е прифатлив предлог бидејќи пратениците имаат и други обврски:

„Пратениците освен што имаа обврска да седат во Собранието поради кворум, имаат и други обврски, обврски со луѓе, обврски со странки, со средби. Искуството покажува дека има многу собранија во светот, кои воведуваат единствен ден во неделата кога се гласа.“

Со предлогот на Поповска се согласува и социјал-демократот Тито Петковски, но тој смета дека пратениците се одговорни за проблемот со кворум во Собранието:

„Недозволиво е, бидејќи пратениците се професионалци, знаете сите 120, да се однесуваат така комотно на седниците на Собранието. И мислам дека не само ова, туку и многу други прашања кои пречат за ефикасно функционирање на Собранието, веќе се обзервирани од комисијата за деловнички и мандатно – имунитетни прашања, и мислам дека не е далеку времето кога ќе почне постапка за промена на деловникот.“

Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека сите предлози со кои се предлага зголемување на ефикасноста на Собранието се прифатливи. Но, за конкретниот предлог тие имаат и забелешки:

„Има и добри и лоши страни. Лошите страни се, да речеме, дискусијата за предлогот била пред не знам колку време, и кога тој ќе дојде на гласање веќе е изгубена суштината. Мислам дека ако помине подолго време меѓу дискусијата и гласањето се губи ефектот,“

вели Коце Трајановски кој посочува дека за немањето кворум за усвојување на законски проекти одговорни се пратениците од партиите на власт:

„Ние ќе влеземе кога тие ќе наполнат 61. Тоа е сосема дозволено во парламентарната демократија. Целта не е да не се донесат тие закони, туку да се мобилизираат пратениците од позицијата.“
XS
SM
MD
LG