Достапни линкови

Израелските трупи влегле во Рафа каде треба да почне уривањето на палестински куќи


Блискоисточна криза. Големи израелски сили денеска, како што јавуваат агенциите, влегле во Рафа каде што треба да почне уривањето на стотици палестински куќи. Тоа, според израелската влада, е дел од операциите за поголема безбедност на израелците. Во меѓувреме, во Берлин денеска, како што е најавено, треба да се сретнат советничката на американскиот претседател Џорџ Буш за национална безбедност Кондолиза Рајс и палестинскиот премиер Ахмед Куреи. До оваа средба доаѓа само два дена откако Куреи во Јордан разговараше со американскиот државен секретар Колин Пауел.

Државниот секретар Пауел кој учествуваше на Светскиот економски форум во Јордан изјави дека претседателот Џорџ Буш останува на ставот дека решението на блискоисточниот конфликт е постоење на две држави, Израел и Палестина. Тој ги повика арапските лидери да работат заедно со развиените држави во светот со цел да ги реформираат нивните земји.

„Потрошивме многу време разговарјќи за реформи. Мислам дека сите арапски земји ја сфаќаат потребата за нив и оти Соединетите Држави , Ге Осум, НАТО и другите меѓународни организации, сакаат да му помогнат на арапскиот свет во тој процес.“

Пауел притоа наведе дека соработката меѓу Соединетите Држави и Јордан за спроведување на економските реформи во таа земја можат да бидат модел и за партнерството на Вашингтон со арапскиот свет.

„Можеме да помогнеме. Можеме да асистираме во креирањето на слободни трговски аранжамани како што тоа го напаравивме со Јордан. Но, ние исто така знаеме дека реформите на Блискиот Исток мора да дојдат од внатре.“

Механизмот за таквите напори, според Пауел, би можело да биде создаден во постојните меѓународни институции како гаранција дека ќе бидат почитувани желбите на арапските земји. Одговорајќи на ваквите заложби на Колина Пауел, шефот на арапската лига Амр Муса ги обвини Соединетите Држави дека се обидуваат да наметнат демократија на Блискиот Исток. Муса оцени дека е неприфатливо Вашингтон да се обидува да го реформира арапскиот свет на начин кој ги задоволува американските интереси. Според Муса, Соединетите Држави не би требало, како што рече, реформите со сила да ги турка во грлото на арапите. Шефот на јорданската дипломатија Марван Моашер пак, смета дека Вашингтон треба да преземе корективни чекори со цел да ја подобри својата слика во арапските земји, која, како што неведе, никогаш не била полоша од сега. Затоа, покрај решавањето на израелско палестинскиот конфликт, според Моашер, Соединетите Држави треба да го забрзаат предавањето на суверенитетот на Ирак. Вашингтон, како што е познато, и покрај постојаните конфликти во Ирак, е решен транзицијата на власта во таа земја да биде извршена на први јули годинава. Сепак, и по овој датум, вели американскиот државен секретар Колина Пауел, сојузничките сили ќе останат во Ирак за да обезбедат стабилна ситуација за општите избори што би требало да се одржат во јануари догодина.
XS
SM
MD
LG