Достапни линкови

Главен приоритет треба да бидат економските реформи


Мислев дека дојде крај на светот, раскажува Љубомир Стојановиќ, опишувајќи го моментот кога беше прогласен за технолошки вишок во државното претријатие во кое дотогаш работел 24 години:

„Да ви кажам два месеца бев во таква депресивна ситуација ниту јадев ниту пиев. Не ми се веруваше дека сите мои замисли дека ќе дочекам пензија и мирен живот ќе пропаднат. Сето тоа се сруши како „кула од карти“.“

Состојбата во која се нашол овој 40 годишен човек од Скопје само во последниве две години ја доживеале 30 илјади работници. Затворањето на фабриките, приватизацијата, прилагодувањето на претпријатијата на нови пазарни услови го земаат својот данок. Траумите на луѓето соочени со губење на работата, стресот и сиромаштијата ја буткаат популацијата се повеќе кон амбисот, вели социлог Олга Вељановска:

„Во периодот од 2002 година до денеска, секој втор ден имаме по едно самоубиство, луѓе што останале без социјално економска сигурност.“

Како да се помогне. Одговорот е јасен заживување на економијата, отворање на на нови работни места, ревитализацијата на замреното индустриско производство. И овој одговор е ист во сите дванаесет години на македонската транзиција. Затоа економистот Ванчо Узунов вели додека економските приоритети живеат само во предизборните ветувања, ништо конкретно нема да се промени:

„Нема простор веке ниту чекање, ниту за манипулирање, ниту за маневерирање. Да баталиме веке се и да се сконцентрираме на економијата.“

Со други зборови транзицијата во макеоднија предолго трае и тоа остава трага на комплетната атмосфера во општеството, вели социолог Весна Димитриевска:

„Луѓето долго време се сиромашни, и долго време не гледаат некоја иднина, перспектива и се повеќе се резигнирарани.“

Искуството покажува дека не сите еднакво реагираат на губењето сигурна егзистенција. Најзагрозени се чувствителните, оние што губењето работа ги пречекува неподготвени, вели психијатрот Михаил Левенски. Тенката линија меѓу здравјето и болеста лесно се надминува, вели тој:

„Дури некој рекле дека во болно општество, здравите луге страдаат, токму нападнати од стресот што го доживуваат. Затоа што секојдневно имаме торпедирање од крајно негативни примери, негативни состојби во кои дури ни погледот не се протнува, а камоли надежта.“

Двајца мои колеги не можејќи да се помират со реалноста завршија во душевна болница раскажува Љубомир од почетокот на оваа приказна:

„Јас не се предадов иако запднав во некоја психолошка криза, благодарејќи на спортот со кој порано се занимав, тоа е велосипедизам. Во тоа време имаше велосипедски трки за ветерани на кој учествував и победував и ми се врати самодовербата. Така од она чувство на „фрлена крпа“, кое го имав, го снема, се осетив корисен, се осетив дека можам да победувам и тоа ми даде желба да почнам да работам нешто.“

Љубомир денеска работи како таксист, неблагодарна работа без сигурна перспектива. Барам друго вработување но проблемот се годините вели тој:

„Сите ме одбиваат велејки дека сум стар за работа, а за пензија млад.“

Во меѓувреме оние што ги користат неговите услуги како таксист го препознаваат по тоа што е еден од ретрките што на своите муштерии им ја отвора вратата на автомобилот. Тоа е манир на пристојност, но и благодарност до оние од кои зависи мојата работа.
XS
SM
MD
LG