Достапни линкови

Црвенковски официјално ќе биде назначен за претседател во вторник


ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот – изборите се фалсификат. Претседателскиот кандидат на оваа партија Сашко Кедев, во својата последна изјава оцени дека вонредните претседателски избори завршија со признавање на изборниот фалсификат:

„Изборниот фалсификат е официјализиран. Кога зборуваме за фалсификат многу е важно да се потенцира дека не постои мал или голем фалсификат. Вистинското прашање е дали има или нема изборен фалсификат. На нашите вонредни претседателски избори имавме изборен фалсификат што беше документиран од страна на домашните институции и што е уште покарактеристично документиран и од страна на меѓународните набљудувачи.“

Цената на овој изборен фалсификат ќе ја плаќаме сите ние, изјави Кедев, кој ја запраша меѓународната заедница:

„Дали за некоја евро-атлантска демократија би било прифатливо да стои официјално дека постои верифициран и документиран изборен фалсификат од осум насто во набљудуваниот дел, тоа е нешто што беше официјално објавено во извештајот на ОБСЕ. И дали осум насто изборен фалсификат би бил во границите на некои меѓународни стандарди.“

Инаку, новиот претседател на Република Македонија Бранко Црвенковски во вторник ќе ја потпише свечената изјава во Собранието по што и официјално стапува во сила неговиот петгодишен мандат. ДИК во саботата на Црвенковски му го врачи уверението со кое се потврди дека тој е избран за претседател на Република Македонија. Врховниот суд пак, претходно реши да се прегласува на пет избирачки места поради нерегуларности. Но, поради фактот што резултатите од таквото прегласување не влијаат врз конечните резултати, ДИК само го поништи гласањето на тие пет избирачки места.

Останува нејасно дали ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на своите претходни најави дека ќе бара меѓунатодна експертиза на целиот изборен процес. Претседателот на ДИК Стево Пендаровски за ваквата идеја на ВМРО-ДПМНЕ вели:

„Во прва инстанца се работи за волја на врвните политички авторитети во оваа држава. Ако направат некаков договор, сигурно ДИК нема да поставува пречки на тој пат, но не ми е познато дека е направен таков обид некаде во Европа.“
XS
SM
MD
LG