Достапни линкови

logo-print

Стево Пендаровски, претседател на ДИК. Изборите генерално во согласност со меѓународните стандарди


Ваше видување, како прв човек на ДИК, како помина изборниот процес за избор на претседател на државава?

Мислам дека најточниот извештај за изборниот процес ја даде прелиминарниот извештај на мисијата на ОБСЕ – ОДИХР, кој за претседателските избори одржани на 28 април рече дека се генерално во согласност со меѓународните стандарди, но со сериозни неправилности, забележани во одредени делови на земјата. Значи, мислам дека тука треба да разграничиме две работи. Прво, генералната оценка која е неспорна и јасно е дека имаме кандидат кој доби мнозинство и има легален и легитимен резултат од тој аспект. Но, во исто време не смееме да ги замениме тезите и гледајќи само кон оваа констатација, која за мене не е спорна, да ги занемариме фактите на кои ни беше укажано, кои самите ние во ДИК ги видовме, и кои за жал, или барем дел од нив, се повторуваат повеќе изборни циклуси наназад.

ДИК ги одби сите приговори на ВМРО-ДПМНЕ, а имаше и повик од набљудувачите и покрај овој повик тие не беа земени во предвид, зошто?

Сакам да појаснам еден детал од гласањето кога одлучувавме по приговорите од вториот круг, кој за жал, малку допре до јавноста. Од 180 гласачки места кои беа оспорени со приговорите, во точно една четвртина од нив, значи во 44 гласачки места ние во ДИК имавме различна одлука од пет – четири. Тоа значи, или некои или дури и сите членови на ДИК предложени од опозиционите партии сметаа дека во тие гласачки места нема основаност во приговорите и тие гласаа за одбивање на тие приговори. Што ни преостана? Ни преостанаа 136 гласачки места, со околу 50,000 гласчи кои гласале во вториот круг. Тоа значеше, дека ние во тој момент можевме да ги поништиме сите, комплетно преостанати во кои имавме различни видувања, различни коментари, различни ставови по конечниот исход, дали да ги прифатиме или не, но тоа немаше да го допре изборниот праг, кој изнесуваше околу 60,000 гласови. Во тој момент ние се соочивме со сосема конкретен проблем којшто го имплицира одредбата од Законот за избор на пратеници, којашто се применува и во овој случај, за избор на претседател, од членот 100, став 2 во која се вели дека секое формално – правно прифаќање на приговорот, макар и да се работи за единствен приговор, мора по автоматизам да се прегласува за 14 дена. Ние веќе во тој момент немавме спор дека прагот не може да биде срушен, а не разликата меѓу кандидатите. Јас во два наврати, тоа го направив и во првиот круг, во два наврати во седницата на вториот круг на ДИК кога одлучувавме по приговори, сметав дека можно е да се констатираат неправилности и да се прифати во формално – правна смисла некој од приговорите. Лично сметам дека 10 до 12 приговори, по мое убедување и по она што го видов од непосредниот увид во избирачкиот материјал што ни беше достапен таа ноќ, дека со околу 5 до 6 илјади гласачи треба да се поништат, но тоа да не значи по автоматизам, како што толкуваа некои други членови во комисијата задолжително прегласување за 14 дена. За жал, мојата позиција беше надгласана во комисијата, останавме само тројца и ние практично од формално – правен аспект, иако констатиравме неправилности на шест места, не ги прифативме ниту тие приговори, плашејќи се од прегласување од кое, навистина сите се согласувавме, немаше потреба. Дојдовме потоа, после таквото гласање, и практично одбивање на сите приговори, како да ја испратиме онаа порака, за којашто јас се согласувам дека треба да се испрати, и не само од ДИК, туку и од другите авторитети во државата, на која ни укажува и ОБСЕ и ОДИХР во нивниот извештај и во првиот и во вториот круг, а притоа непотребно да не го пролонгираме процесот. Во тој момент, ние за жал, ја немавме одлуката на Врховниот суд, која дојде неколку дена потоа, која поништи пет гласачки места со околу 4,300 гласачи, но остави на ДИК, во таа втора фаза, разгледувајќи ги целокупните резултати, да реши дали има потреба од прегласување. Сосема е јасно дека при тој праг и при таа разлика меѓу кандидатите, 4,300 поништени гласови, нема да значат ништо, ниту по едниот, ниту по другиот основ и дека нема да има прегласување.

Деновиве во јавноста можеа да се слушнат обвинувања на адреса на комисијата дека се ставила во служба на СДСМ. Има ли начин и може ли во иднина да се очекува изборните процеси да се оквалификуваат дека во вистинска смисла на зборот се спроведени во фер и демократска атмосфера?

Составот на комисијата е познат, значи четири опозиција, четири позиција и претседателот кој го именува претседателот на државата. Можни се одвреме – навреме, да има и поинаква структура. Да има компелетно судски состав таа комисија, или да има претставници од политичките партии, тоа е работа на законодавецот. Ако некој смета, дека овааа структура на комисијата, која ви кажувам, дека и во првиот и во вториот круг не решаваше секогаш по виталните одлуки со однос пет – четири, туку имаше и поинакви мнозинства, дури и за многу важни одлуки, за кои јавноста не знае, имавме дури и 9:0 гласање, тогаш може тоа да го предложи и комисијата да има поинаков изглед. При вака поставеното законско решение, она што останува е политичките партии ако не се задоволни со работата на своите членови да ги заменат, или пак, претседателот на државата, да го смени претседателот на ДИК. Но, ние за жал, уште долго време, ќе се судираме со политичките влијанија, не само во ДИК, туку и во другите тела кои одлучуваат во државата. Самиот состав на комисијата укажува дека политиката и политичките партии имаат легитимно право да предлагаат свои членови и моето убедување е, да бидам сосема искрен, дека не е и за очекување дека сите тие луѓе ќе ги заборават политичките структури кои застанале зад нив при нивниот избор, и ќе одлучуваат 100 насто како независни експерти.

Во оваа насока, може ли она што го најавивте, професионална изборна машинерија да помогне?

Тука треба да направиме едно јасно разграничување кое мислам дека до сега не се направи. Станува збор за прашањето на професионализација на ДИК. Но, тоа е само помалиот проблем. ДИК со помошните тела има околу 20 луѓе и тоа нема да го реши проблемот којшто сега од организациски и логистички аспект постои во организацијата на изборите. Изборната администрација во Македонија од тие близу 3000 гласачки места, со општинските и регионални комисии, заклучно со ДИК има околу 15,000 луѓе. Во овој момент, треба тоа јасно да се каже, ние немаме 15,000 добро обучени луѓе, кои ја знаат изборната процедура, изборната легислатива, кои ги знаат неопходните технички и организациони подготовки кои се нужни да се направат на самите гласачки места, и во овој конктекст, само да ја потвдрам тезата, ќе ви споменам неколку забелешки кои ОБСЕ и ОДИХР ги дадоа во двата круга, но ги дадоа и од 90 година на сите избори. На пример, велат дека, добар дел од членовите на избирачките одбори, независно од нивната партиска или етничка припадност, не ја познаваат легислативата или регулативата којашто се однесува на изборите, и тие во прва линија непосредно ги спроведуваат. Или има еден запрепастувачки податок, кој вели, тој таканаречен записник број 14, што е за утврдување на резултатите на самото гласачко место, вели една голем бројка, можеби третина или повеќе од сите избирачки одбори во цела Македонија имаат проблем како да го пополнат на правилен начин. Значи, клучниот проблем е едукацијата на тие избирачки одбори која не можат да ја изведат деветмина или 20-мина.

Ќе го покренете ли и формално ова прашање и дали може да очекуваме дека веќе следните избори, локалните, ќе ги спроведе ваква институција?

Јас сум малку скептичен, формални предлози имало и порано, но не е отидено понатаму од формалното предлагање. Знаете, да се направи изборна администрација на сите нивоа по теркот на европските системи е невозможно, реално невозможно. Ние можеме да почнеме. Се работи за исклучително комплексен, сложен и многу скап процес кој и сега е скап, меѓутоа може да биде и уште поскап, додека да ги обучиме тие илјадници луѓе комплетно да ги применуваат законите за време на изборите, меѓутоа неопходно е да се почне. Македонија, ако во овој момент има 15,000 добро обучени луѓе кои ги знаат сите овие работи коишто претходно ги споменав, ние претпоставувам би биле веќе членка на ЕУ. Ние се знае на кое скалило сме и тоа е еден од крупните залаци коишто мора да ги проголтаме и чекори коишто треба да ги направиме. Затоа што, изборната администрација е многу важен сегмент на севкупната администрација, којашто знаете дека со години сме во тие реформи, меѓутоа секако не сме во завршната фаза на тој зафат.

Се покажа дека во избирачкиот список околу 200,000 лица коишто се запишани или се починати или веќе подолго време не живеат во државава. Ќе иницирате ли промени во избирачкиот список?

За лицата коишто починале не треба да се иницираат никакви промени, бидејќи ажурирањето на тој список е законска обврска на матичните органи, министерството за правда, Заводот за статистика, МВР и тука не треба никој да иницира почитување на законот, тој мора да се почитува. И тоа беше минорниот дел. Она што јас го разбрав од моите разговори со луѓето од Заводот за статистика, се работи за прилично голем број на луѓе коишто практично не се присутни во Македонија, а се државјани, и живеат подолго време надвор. Ние мораме да заземеме начелен и принципиелен став по тоа прашање, не само затоа што тоа на еден неприроден начин го крева прагот за било кои избори, и за избор на градоначалник е потребно 50 плус 1. И затоа не смееме да оставиме никаков сомнеж дека нема да се манипулира во некоја претпоставена ситуација, или во било кој сегашен или иден контекст со гласовите на тие луѓе коишто не се во Репулбика Македонија. Чув некаква најава од министерот за правда, дека тој формално ќе го иницира тоа прашање. Јас се надевам на брзо и правично решение. Она што е сега е навистина непотребно. Македонија исклучително тешко ќе може да организира сеопфатно гласање на нашите иселеници од многу причини. Она што мораме да го решиме како прашање е дали тие луѓе и понатаму ќе се наоѓаат на избирачките списоци, иако никој не им го спори тоа што се државјани и имаат таков тип на конекција меѓу себе и матичната држава.

Има ли поефикасен начин да се вклучи македонската дијаспора во изборите?

Неколку практични модели се веќе испробани и кај нас и во светот. Никаде не се постигнува ни приближно солиден опфат на дијаспората, дури и кога стнува збор за најбогатите држави. Гласањето на дијаспората е скапо. Треба да имате огромен администативен апарат којшто тоа треба да го покрие, одобено во државите каде што Република Македонија има по неколку стотици илјади иселеници и во Европа, и во прекуокеанските земји. Одзивот е мал, операцијата е скапа, нивното доаѓање од таква дистанца во државата исто таке е редок случај. Тоа не е до ДИК. ДИК мора да има чист, јасен список, мора да знае кој е навистина во државата и кој реално ќе дојде да гласа по повод било кои избори во Република Македонија.
XS
SM
MD
LG