Достапни линкови

ДИК ги отфрли сите приговори на ВМРО-ДПМНЕ


Државната изборна комисија не прифати ниту еден приговор поднесени од овластениот претставник на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Сашко Кедев, соопштија од ДИК. Сите приговори се однесуваат на постапката на гласањето:

„ДИК рано изутрина го заврши разгледувањето на 184-те приговори што беа поднесени од овластениот претставник на претседателскиот кандидат Сашко Кедев. И комисијата не прифати ниту еден приговор, “

изјави портпаролот на ДИК Зоран Таневски.

Во ВМРО ДПМНЕ пак не се изненадни од одлуката на ДИК:

„Не не изненадува ваквата одлука на ДИК, според искуството што го имавме од првиот круг. Значи, ДИК продолжи да работи според истите инструкции коишто ги имаше во првиот круг од претседателските избори. Едноставно, некои од членовите на ДИК како да не сакаа да видат дека беше извршено брутално силување на изборниот процес во Република Македонија,“

изјави Портпаролот на Изборниот штаб на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Сашко Кедев, Лазар Темелков. Против решението на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе жалба до Врховниот суд.

„Врховниот суд решава во совет од петмина судии, избрани по пат на ждрепка. Врховниот суд на Република Македонија е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот на жалбата. И Врховниот суд на Република Македонија може да ја потврди или преиначи одлуката,“

изјави Таневски.

Доколку и нивната одлука биде негативна тогаш ВМРО ДПМНЕ ќе бара меѓународна екпертиза на изборниот процес во земјава, вели Темелков:

„Следниот чекот ќе биде проследување на жалбите до Врховниот суд на Република Македонија и во согласност со одлуката на Врховниот суд, како крајна инстанца ќе биде барањето до ДИК за меѓународна експертиза, односно експерти коишто ќе извршат пребројување на целокупниот изборен материјал.“

Инаку Според законски определените рокови, новиот претседател би требало да ја преземе функцијата во рок од три дена, откако ДИК ќе ги објави конечните резултати од изборите. А, тоа ќе се случи кога ќе поминат сите рокови за жалби - до ДИК и до Врховниот суд, во текот на неделава.
XS
SM
MD
LG