Достапни линкови

Вториот круг генерално во согласност со стандардите на ОБСЕ, со одредени неправилности


Вториот круг од претседателските избори во Македонија, генерално беше во согласност со обврските на ОБСЕ и другите меѓународни стандарди за демократски избори, сепак денот на изборите беше проследен со сериозни, но локализирани нерегуларности, на избирачките места, вели набљудувачката мисија за изборите на канцеларијата за демократски институции и човекови права при ОБСЕ во својата изјава за првични наоди и заклучоци.

Околу 300 меѓународни набљудувачи ги набљудуваа изборите, посетувајќи 1300 избирачки места:

„Целосната слика останува таква што овие избори се чинат демократски, и коишто се одржаа под вонредни околности. Но, она што останува важно е, дека како и во првиот круг на гласање, постоеја проблеми во однос на групното гласање, гласање за други лица, па исто така и преполнување на гласачките кутии. Повторно, нашите набљудувачи јавија за неправилности во пребројувањето и сумирањето на гласовите. Сиве овие проблеми за разлика од првиот круг на гласање се уште поголеми, и сконцентрирани се во: западниот, северенииот дел на земјата како и во околината на Скопје,“

изјави шефот на мисијата амбасадорот Фридрих Бауер.

Изборите во вториот круг добија добри или многу добри оценки во 92 насто од посеттените избирачки места. Но, набљудувачите го оценија броењето на гласовите како добро во само 76 насто од избирачките места. Она што е значајно и што се потенцира во првичниот извештај е дека беа пријавени силни индиции за преполнување на гласачките кутии, во четири насто од посетените избирачки места од страна на меѓународните набљудувачи, а исто така и бројни случаи на идентични потписи или непотпишување на гласачите во гласачкиот список. Во Тетово, меѓународните и домашните набљудувачи, беа спречени да набљудуваат во неколку избирачки места. За сево ова имаме докази, рече заменикот на амбасадорот Бауер Даниел Финд.
XS
SM
MD
LG