Достапни линкови

Вести

Берлин: Дводневна конференција за анти-семитизмот

Во Берлин, под покровителство на ОБСЕ, започна дводневната конференција за анти-семитизмот, на која учествуваат околу 400 претставници од 55 држави. Се очекува учесниците да усвојат декларација и акционен план за борба против ксенофобијата и расизмот против евреите.

види ги сите денешни вести

Домашен притвор за двајца осомничени за убиството на лекарот

илустрација
илустрација

Кривичниот суд Скопје, по барање на јавното обвинителство одреди 48-часовен притвор за двајца осомничени за убиството на матичниот доктор Ацо Трпковски. Според изјавата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во претходните денови се приведени три лица.

Телото на лекарот беше пронајдено на 21 март, во неговиот автомобил, на паркинг пред зградата на поранешната клиника „Железара“. На телото имало видливи убодни рани од остар предмет. Обвинителството презема мерки за расчистување на убиството.

По ова приватните лекари во израз на незадоволство не работеа неколку часови во знак на почит кон убиениот колега, но и рекоа дека се чувствуваат небезбедни. Лекарите бараа услови за безбедно работење и построги казни за напад на здравствените работници.

Според Топковски пак мотивите за убиството на докторот не биле поврзани со неговата професија.

Убиениот лекар од Скопје беше на 67 години, а прнајден со најмалку 9 убоди од остар предмет.

„Најголемиот кран“ ќе ги отстрани остатоците од урнатиот мост во Балтимор

Урнат мостот Френсис Скот Ки во Балтимор
Урнат мостот Френсис Скот Ки во Балтимор

Најголемиот кран се преместува од источниот брег на САД во Балтимор за да започне со отстранување на мостот кој се урна кога брод удри во него и го блокираше виталното пристаниште на градот во петокот.

Дел од мостот Френсис Скот Ки во Балтимор се урна откако контејнерски брод удри во него рано наутро во вторникот, испраќајќи повеќе возила во водата.

Од ледената вода се извлечени телата на двајца работници, а потрагата по уште четворица исчезнати во несреќата е прекината, пишува АП.

Гувернерот на американската сојузна држава Мериленд, каде се наоѓа Балтимор, Вес Мур изјави дека кранот што пристигнува може да подигне и до илјада тони и дека ќе се користи барем уште еден кран за отстранување на урнатиот мост.

Плановите за отстранување на мостот ги развиваат инженерскиот корпус на армијата на САД и морнарицата, кои мобилизираат ресурси од целата земја за да го исчистат водениот пат во рекордно време.

Мур рече дека не се работи само за државата Мериленд, туку и за економијата на земјата, бидејќи низ пристаништето Балтимор минуваат повеќе автомобили и земјоделска опрема од кое било друго пристаниште во Америка.

Гувернерот предупреди дека работата може да потрае долго и се заблагодари на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден што одобрила итна помош од 60 милиони долари. Бајден рече дека федералната влада ќе ги плати сите трошоци за обнова на мостот.

Таџикистан приведе девет лица во врска со нападот во Москва

26 март 2024 година, цвеќиња и играчки оставени покрај патот во близина на изгореното концертно место на градското собрание Крокус во Красногорск.
26 март 2024 година, цвеќиња и играчки оставени покрај патот во близина на изгореното концертно место на градското собрание Крокус во Красногорск.

Таџикистанските власти уапсија девет лица оваа недела во врска со нападот на 22 март во концертна сала во близина на Москва, објавија локалните медиуми во петокот, цитирајќи извор од безбедносните сили.

Сите девет, наводно, биле приведени на 25 март во населбата Вахдат во предградието на Душанбе.

Друг извор во Душанбе за Радио Слободна Европа (РСЕ) во петокот изјави дека меѓу уапсените има неколку млади мажи.

Што знаеме за осомничените напаѓачи во Москва?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:19 0:00

На 26 март, извор од таџикистанските агенции за спроведување на законот изјави за РСЕ дека шест лица се уапсени под сомнение дека планирале терористички напад, но не даде повеќе детали.

Русија соопшти дека уапсила 11 лица еден ден по нападот, вклучително и четворица осомничени вооружени лица, сите државјани на Таџикистан.

Таканаречената милитантна организација Исламска држава постојано ја презема одговорноста за нападот.

Трансродовите лица маршираа за безбедна и достоинствена иднина

Марш за видливост на трансродовите лица пред Владата на РСМ, 29 март 2024 година
Марш за видливост на трансродовите лица пред Владата на РСМ, 29 март 2024 година

Под мотото „Маршираме храбро“, граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица ТрансФормА заедно со трансродовите лица, активистите и нивните поддржувачи денеска пред владата побараа иднина каде трансродовите лица можат да живеат отворено, безбедно и достоинствено.

„Видливоста е од суштинско значење во борбата за правата на трансродовите луѓе, особено во недоволно либерално и прилично затворено општество како македонското. Видливоста е вистински предизвик за стереотипите, ги разобличува заблудите и придонесува трансродовите луѓе да бидат прифатени како луѓе. Петтиот последователен Марш за видливост на транс луѓето во Скопје е всушност доказ дека трансродовите лица одбиваат да бидат избришани или замолчени и продолжуваат со својата битка да бидат прифатени како интегрални членови на нашето општество“, порачаа од „TрансФормА“.

 Марш за видливост на трансродовите лица
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:56 0:00

И покрај веќе постигнатиот напредок, тие велат дека не може да се игнорира ширењето страв што го предизвикуваат конзервативните анти-родови движења.

Маршот се организира во пресрет на 31 март – Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица.

„TрансФормА“ се приклучува по шести пат и на петтиот марш кон глобалната акција за солидарност со трансродовите лица, со цел намалување на насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група.

Гир: Да се исполнат препораките од ОЛАФ, нема намалување на средствата за Еразмус+

Амбасадорот на Европската Унија во земјата, Дејвид Гир
Амбасадорот на Европската Унија во земјата, Дејвид Гир

Амбасадорот на Европската Унија во земјата Дејвид Гир изјави дека нема да се намалат финансиските средства определени од Европската Унија за Националната агенција за Еразмус+, како и дека програмата од која придобивки имаат младите, ќе продолжи понатаму да се имплементира.

Во одговор на новинарско прашање откако Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) побара поврат на 2,2 милиони евра од Северна Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ Гир денеска рече дека очекува државава да продолжи да ги испорачува препораките дадени од ОЛАФ.

Евроамбасадорот вели дека согласно стандардните процедури не ги коментира одлуките донесени од ОЛАФ, бидејќи како што рече, тоа е тело на Европската унија за истражување измами.

„Очекуваме од страна на Националната агенција за Еразмус+ тука во Република Северна Македонија да продолжи да ги испорачува и да ги исполнува сите препораки коишто се дадени од страна на ОЛАФ. Се разбира дека ние продолжуваме да имаме доверба во работата на самата Агенција за Еразмус+ што значи дека остануваме убедени дека количеството на финансиски средства кои што се определени за Еразмус+ нема да се намалува, напротив ние сме среќни да споделиме со вас дека Еразмус+ ќе остане да се имплементира и од неа ќе имаат придобивки младите, учениците, студентите и универзитетите во вашата земја“, рече Гир, на новинарско прашање по учеството на панел-дискусијата „Разобличување на антиродовите дезинформации“.

Директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски вчера (28 март) на прес-конференција соопшти дека биле информирани дека постојат неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската Комисија.

Ѓорѓиевски рече дека не може да соопшти повеќе детали, бидејќи предметот е кај Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и е во предистражната постапка. Агенцијата, како што рече, е отворена за соработка и со сите нивни ресурси и документација им стои на располагање на Обвинителството што го истражува предметот и на Управата за финансиска полиција.

Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на ОЛАФ, на 30 ноември 2023 по е-пошта пратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со барање за поврат на средствата, а овој месец Агенцијата примила известување и за конечност на одлуката. Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2 276 212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година.

Ерменските банки нема да примаат руски картички поради закана од американски санкции

илустрација
илустрација

Ерменските банки во петок (29 март) објавија дека ќе престанат да ги обработуваат трансакциите направени со руските платежни картички Мир поради санкциите на Западот наметнати на Москва поради нејзината инвазија на Украина.

Во септември 2022 година, Министерството за финансии на Соединетите Држави им се закани на странските банки со секундарни санкции за сервисирање на картичките Мир, руски систем за плаќање со картички.

Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД во февруари соопшти дека Русија го користи системот за да избегне западни санкции насочени кон рускиот финансиски систем.

Сојузот на банки на Ерменија објави дека комерцијалните банки во земјата „од сабота ќе престанат да ги сервисираат Мир картичките, поради ризик од секундарни санкции“.

„Исклучок ќе биде направен за Мир картичките издадени од ерменската филијала на руската државна банка ВТБ“, се додава во соопштението.

Откако Западот воведе строги санкции кон Москва, ерменските банки тројно ги зголемија своите профити поради драматичното зголемување на готовинските текови од Русија.

Илјадници Руси побегнаа во Ерменија поради репресијата во нивната земја и од страв дека ќе бидат мобилизирани за војна. Ерменските компании, исто така, реекспортираат производи за широка потрошувачка од западно производство во Русија.

Ереван се оддалечува од Москва од 2020 година, кога ја загуби војната од Азербејџан. Односите дополнително се влошија минатата година кога Баку ја презеде контролата врз спорниот регион Нагорно-Карабах во молскавичната офанзива.

Ереван се жали дека Москва не ја заштитила од постојаната безбедносна закана од Азербејџан.

Суспендирањето на користењето на Мир картичките е последен во низата дипломатски спорови меѓу двете земји.

Во петокот, владин претставник рече дека Ерменија ќе ги блокира емитувањата на рускиот ТВ водител Владимир Соловјов, кој американскиот Стејт департмент го нарече „најенергичниот пропагандист на Кремљ“.

Минатиот месец премиерот Никол Пашинјан рече дека Ерменија го суспендирала своето учество во Организацијата на Договорот за колективна безбедност (CSTO), безбедносна алијанса предводена од Москва на неколку поранешни советски републики, и дека се обидува да воспостави партнерство со западните земји, главно со Франција и Соединети Држави.

Во Романија пронајдени делови од дрон

илустрација
илустрација

На романска територија во близина на границата со Украина пронајдени се делови за кои се претпоставува дека се остатоци од дрон, соопшти денеска романското Министерство за одбрана.

Остатоците се пронајдени синоќа на островот Браила во реката Дунав, а припадници на Министерството за одбрана и полицијата го истражуваат случајот.

Романските власти истакнаа дека не пронашле докази за намерен напад врз Романија.

Русија синоќа истрела проектили и беспилотни летала кон цели во западниот и централниот дел на Украина, а Полска објави дека синоќа активирала авиони поради руските ракетни напади врз Украина.

Инаку руски беспилотни летала и проектили синоќа(28 март) гаѓале електрани во источна и централна Украина. Воздухопловните сили на земјата соопштија дека Русите истрелале 99 дронови и проектили на украинска територија, од кои успеале да уништат 84.

Воздушна тревога е прогласена во текот на ноќта на целата територија на Украина.

Варшава објави дека го засилила надзорот на полскиот воздушен простор поради зголемената воздушна активност.

Украинското воено воздухопловство соопшти дека уништиле вкупно 84 истрелани руски ракети, од кои 58 биле беспилотни летала „Шахед“ од иранско производство и 26 ракети.

Украинската енергетска компанија ДТЕК соопшти дека во синоќешните руски удари биле оштетени три украински термоцентрали.

Српската полиција пребарува околу куќата на исчезнатото девојче, утврдено е дека информациите од БиХ се лажни

Специјализирана спасувачка екипа од урнатините во потрага по исчезнато девојче во близина на куќата пред која исчезна, Бањско Поле, 29 март 2024 година.
Специјализирана спасувачка екипа од урнатините во потрага по исчезнато девојче во близина на куќата пред која исчезна, Бањско Поле, 29 март 2024 година.

Српската полиција ја продолжува потрагата по исчезнатото двегодишно девојче Данка Илиќ со тоа што се вршат детални проверки околу куќата пред која таа исчезна на исток во Србија, соопшти во петокот српското Министерство за внатрешни работи.

Министерството соопшти и дека се лажни информациите од Босна и Херцеговина кои се појавија на социјалните мрежи за исчезнувањето на девојчето во околината на Бор.

Во градот Бањско Поље, каде исчезна девојчето, ноќта меѓу четвртокот и петокот пристигнаа две специјалистички екипи за спасување од урнатини од Белград и Нови Сад, а рано утринава започнаа со детално пребарување на околината на домот на исчезнатото девојче.

Спасувачките екипи бројат вкупно 18 пожарникари-спасувачи со пет теренски возила и едно куче спасител, соопшти српското МВР, додавајќи дека припадниците на полициските сили ги преземаат сите мерки за пронаоѓање на девојчето и утврдување на сите факти и околности за нејзиното исчезнување.

Федералната полициска управа на Босна и Херцеговина, врз основа на информации од Министерството за внатрешни работи на Србија, уапсила три лица кои се сомничат дека преку социјалната мрежа Тик-Ток објавиле дека се поврзани со исчезнувањето на Данка Илиќ.

Припадниците на Службата за борба против високотехнолошкиот криминал ја идентификувале ИП адресата на корисник на сметка од територијата на Босна и Херцеговина, кој на Тик-Ток рекол дека девојчето се наоѓа во неговиот подрум.

Врз основа на тие информации, Федералната полициска управа на Босна и Херцеговина ги уапсила Б.Т., З.Т. и М.Т., извршила претрес и утврдила дека информациите што ги дал осомничениот се лажни.

Сојузната полициска управа на Босна и Херцеговина, согласно законот, ќе ги однесе осомничените кај надлежниот обвинител за понатамошно постапување.

Украинскиот воен командант вели дека на Украина и требаат помалку војници од очекуваното

Генерал-полковник Олександр Сирски, во тоа време командант на копнените сили на украинските вооружени сили, за време на интервју за Ројтерс. Харковска област, 12 јануари 2024 година. Сирски беше назначен за врховен командант на 8 февруари
Генерал-полковник Олександр Сирски, во тоа време командант на копнените сили на украинските вооружени сили, за време на интервју за Ројтерс. Харковска област, 12 јануари 2024 година. Сирски беше назначен за врховен командант на 8 февруари

Украинската војска треба да мобилизира помалку војници отколку што првично се очекуваше за одбрана на земјата од руската инвазија, изјави во петокот украинскиот воен командант Олександр Сирски.

Претседателот Володимир Зеленски во декември рече дека војската предложила да се мобилизираат до 500.000 Украинци во вооружените сили додека Русија ги засилила нападите долж линијата на фронтот од 1.000 километри.

Врховниот командант Олександр Сирски, кој беше назначен минатиот месец, во интервју за украинските медиуми објавено во петокот рече дека бројката е „значително намалена“ по прегледот на ресурсите.

Тој не ја прецизираше новата бројка.

„Очекуваме да имаме доволно луѓе способни да ја бранат нашата татковина“, изјави тој за новинската агенција Укринформ.

Напорите за мобилизација на Украина беа ограничени поради намалениот ентузијазам и извештаите за корупција и злоупотреби во канцелариите за регрутирање. Нацрт-законот што ќе им овозможи на функционерите да повикаат повеќе војници во моментов ги минува филтрите во Парламентот.

Сирски додаде дека ревизијата на неборбените единици им овозможила на воените планери да испратат „илјадници“ припадници на војската на воените фронтови, како и дека улогите за борбена поддршка се „подеднакво важни“ во одбранбените напори на Киев.

„Војната што сме принудени да ја водиме против руските агресори е војна на трошење, војна на логистика“, рече тој.

Поранешниот началник на копнените сили, исто така, рече дека се подготвуваат „моќни“ одбранбени линии „речиси во сите опасни области“ додека Русија ја продолжува својата офанзива.

Источниот град Авдиивка падна под контрола на Москва во средината на февруари, по неколкумесечни напади, во кои украинските бранители не успееја да го издржат отпорот бидејќи руската страна имаше повеќе војници и повеќе оружје.

Во интервју за „Укринформ“, Сирски рече дека украинските сили „дефинитивно“ би ги задржале своите позиции доколку Киев добиел повеќе муниција и противвоздушна одбрана од западните партнери.

Најмалку 38 лица загинаа во израелски напад во Сирија, тврдат безбедносни извори

Местото на израелски напад во сирискиот град Хомс, 7 февруари 2024 година.
Местото на израелски напад во сирискиот град Хомс, 7 февруари 2024 година.

Во нападите на Израел врз градот Алеп на север во Сирија рано утрото во петокот убиени се 38 луѓе, вклучувајќи и пет членови на либанската милитантна група Хезболах, соопштија два безбедносни извори.

Сириското министерство за одбрана порано во петокот информираше дека се убиени извесен број на цивили и воен персонал, откако Израел и милитантните групи започнале напад врз градот Алеп.

Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија, која има широка мрежа извори во Сирија, соопшти дека загинале најмалку 36 сиријски војници.

Израелскиот напад бил насочен кон област „во близина на ракетни магацини кои им припаѓаат на либанската група Хезболах“, наведе организацијата.

Министерството за одбрана информира и дека во израелските напади се погодени неколку области во Алеп.

Воздушните напади се поклопија со нападите со дронови од Идлиб и западниот рурален Алеп за кои Министерството за одбрана наведе дека ги извршиле „терористички организации“ на цивили во Алеп и неговата околина.

Министерството не извести за конкретен број на мртви ниту разјасни дали жртвите се резултат на израелските воздушни напади или пан последица од напади на милитантните групи.

Израелската војска одби да ги коментира наводите за нападот во Алеп.

Откако Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, го нападна јужниот дел на Израел во октомври, израелските сили, заедно со операциите во Појасот Газа, ги ескалираа нападите врз, како што велат, базите поддржани од Иран во Сирија. Цел на тие напади беше и воздушната одбрана на сириската армија и сириските војници.

Израел со години извршува такви напади во Сирија, каде што влијанието на Техеран се зголеми откако почна да го поддржува претседателот Башар ал Асад во граѓанската војна што започна во 2011 година.

Борците поврзани со Иран, вклучително и Хезболах, сега контролираат огромни делови од источна, јужна и северозападна Сирија, како и неколку предградија околу главниот град.

Израел и Хезболах разменуваат оган преку границата меѓу Израел и Либан од избивањето на војната во Газа, што е најголемата ескалација откако тие се бореа во повеќемесечниот конфликт во 2006 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG