Достапни линкови

Почитувањето на молкот, репер за демократската зрелост на државата


Предизборниот молк што според македонските закони започнува 24 часа пред почетокот на гласањето е во согласност со востановената пракса карактеристична за многу демократски земји во светот вели доцент по уставно право и политички систем Рената Дескоска:

„Во најголем број земји се прифаќа ова решение заради сталожување на емоциите и ставовите на граѓаните кои што ги имаат по представувањето на кандидатите.“

Токму давањето можност на гласачите смирено и без притисоци и агитации да го донесат својот конечен суд за предложените кандидати е основната причина за воведувањето на предизборниот молк кој подразбира забрана за каква и да е активност или информација која може да влијае на изборот. Почитувањето или непочитувањето на изборниот молк може да се толкува и како репер за демократската зрелост на една земја вели Дескоска:

„Секое непочитување на било кои правила кои што се дадени во законите, особено околу законите за изборите покажува дека не е уште созреана свеста, нема воља за почитување на правила или несообразување на однесувањето на политичките партии, медиумите и граѓаните на оние правила кои што се општо прифатени.“

За почитувањето на молкот особена улога имаат медиумите. Нив ги следи Советот за Радиодифузија кој за евентуалните прекршувања ја известува Управата за телекомуникации:

„Таа според законот може веднаш по приемот на известувањето дека е прекршен изборниот молк од некој од медиумите да донесе решение за одземање на редиостаницата на имателот кој што ја направил неправилнсота во траење од 48 часа.“

За првпат годинава предмет на контрола се и интернет страниците на политичките партии, државните институции медиумите и големите Интернет провајдери За ова се грижи невладината организација ИНФО. По првиот круг се евидентирани квалитативни поместувања, вели претставник на оваа асоцијација Биљана Бејкова:

„Со тоа што сепак некои од партиите не го почитуваат до крај молкот. Но да речеме сајтовите на претседателските кандидати се стопирани односно не се достапни што секако е за поздравување. Исто така и во однос на медиумите и кај големите Интернет портали гледаме барем обидиза почитување на молкот иако морам да кажам дека сепак во одредени содржини забележуваме кршење на молкот.“
XS
SM
MD
LG