Достапни линкови

Завршува предизборната кампања за претседател


Остануваат само уште неколку часа, претседателските кандидати Бранко Црвенковски и Сашко Кедев да се обидат да ги придобијат гласовите од граѓаните, пред почетокот на изборниот молк, ноќеска на полноќ. Во изборните штабови на Кедев и Црвенковски не се крие задоволството од постигнатото во изборната кампања:

„Нашиот кандидат ја пренесе пораката до Македонија, дека е потребно да се гласа, дека Македонија заслужува ново лице, дека во Македонија може, и треба да се живее подобро. Значи, имавме поголем број митинзи и огромен број средби со граѓани, во тој дел кампањата навистина помина добро, приемот меѓу граѓаните беше добар исто така, и се надеваме на добри резултати.“

„Имавме крајно позиитвна кампања, која имаше за цел да ја афирмира програмата и платформата на нашиот претседателски кандидат. Издржавме доследно до крајот на овој принцип, и сметам дека тоа беше многу битно, затоа што беше испратена јасна порака, токму кон неопределените гласачи кои требаат да бидат клучниот фактор за успешноста на овие избори.“


изјавија портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев и шефот на изборниот штаб на Црвенковски Владо Бучковски. На вториот круг, со право на гласа, исто како и пред две недели се вкупно 1,695 илјади и 103 граѓани, колку што се запишани во едниствениот избирачки список. Први на гласање, утре ќе излезат војниците, затворениците и внатрешно раселените лица, а ден пред другите ќе може да гласаат и болните и изнемоштените лица, доколку се пријавиле во општинските изборни комисии. За изборите да бидат успешни, потребно е на гласање да излезат 50 насто, плус еден граѓанин со право на глас, а за претседател ќе биде избран кандидатот што ќе освои повеќе гласови. Постои ли стравување од апстиненација во изборните штабови на Црвенковски и Кедев?

„Убедени сме дека демократска Македонија, европска Македонија, ќе ги победи сите оние ретроградни сили, коишто повторно се обединија околу идејата за бојкот, апстиненција и хаос. Повторно ја гледаме коалицијата „За промени“, фалеше во таа галерија на ликови уште Љубчо Георгиевски, го имаме сега и него, така што сметам дека демократска Македонија, граѓаните на Република Македонија ќе го положат овој тест,“

вели Бучковски

„Нашите активности во овој момент апсолутно се во функција на изборен успех и нашиот кандидат да постигне што е можно подобар резултат, односно да го победиме Бранко Црвенковски,“

вели Ѓорчев.

Доколку на изборите не излезе повеќе од половина од електоратот, целата изборна постапка се повторува.
XS
SM
MD
LG