Достапни линкови

Оценка на македонските достигнувања за влез во евро атлантските структури


Исполнувањето на критериумите од Стратешкиот одбранбен преглед ќе придонесе за нова слика на Армијата на Република Македонија, оценуваат во министерството за одбрана. Станува збор за документ кој ги содржи активностите кои треба да се спроведат во наредните две години, а кој сега се наоѓа во владина процедура.
За тоа кои се активностите кои треба да се превземат во наредиот период информира државниот секретар во министерството за одбрана, Љубомир Поповски:

„Определбата за висок професионализам или за професионализација на АРМ, со тоа што таа би се заокружила некаде до 2006 година, што значи укинување на регрутниот рок. Второ, давање на нов сооднос на активниот и резервниот дел на АРМ, и конечно каде што ќе се декларираат силите коишто Македонија во вид на структури би ги испраќала согласно потребите на НАТО алијансата во мировни операции надвор. И секако, многу битен сегмент во целокупната реформа е дефинитивното предавање на јужната граница на 7-ми мај од страна на АРМ, на МВР. “

До одржување на самитот на алијанстата во Истанбул во земјава треба да се усвојат два проекти, а тоа се законите за заштита и спасување, и за справување со кризи. За приближувањето на Македонија до алијансата од посебно значење, истакнува Поповски, е и учеството на наши војници во странските мисии. И токму затоа, вели државниот секретар, во овој период кога некои земји ги повлекуваат војниците од Ирак, следи одлуката лицата од Македонија да останат во странските мисии:

„Мисијата на Република Македонија во коалицијата за борба против глобалниот тероризам, дава можеби наш симболичен придонес, меѓутоа, во секој случај политичкиот момент е многу битен, и мислам дека тоа нашите партнери посебно го ценат. Така што во оваа Јадранска група на трите земји, сериозно се размислува за подготвување на еден медицински вод, за Авганистан.“

Освен реформите кои се спроведуваат во делот на одбраната, од големо значење е и реформата на правниот систем, што подразбира, владеење на право, ефикасно судство на чија адреса пак се насочени и главните забелешки од претставниците на Алијансата. Судиите пак велат дека состојбата во судството одговара на состојбата во државата.

„Не може судството да биде нападнато и на сметка на тоа што не се обезбедени некои законски можности за да може да биде поефикасно,“

изјави Ленче Софрониевска, претседател на Републичкиот судски совет.
XS
SM
MD
LG