Достапни линкови

logo-print

Експлозија пред Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ


Силна експлозија детонирана во центарот на Тетово, вчера вечер го потресе целиот град. За сега, нема сознанија за можните сторители на овој акт, кој силно ги вознемири жителите на Тетово. За среќа, иако во тие моменти на улицата и во околните објекти имало минувачи и жители, во експлозијата нема повредени, но причинета е значителна материјална штета. Според портпаролот на МВР Борче Пешевски вчера во 21:20 минути, на улицата Радован Томиќ б.б. во Тетово настаната е експлозија пришто се предизвикани оштетувања на инвентарот во седиштето на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово. Во детонацијата скршени се стаклата во стан непосредно над споменатиот објект, а помали оштетувања има и на три патнички моторни возила паркирани во непосредна близина на експлозијата. Искршени се и речиси сите стакла од северната страна на зградата на Основниот суд во Тетово, како и стаклата на блиските објекти, главно адвокатски канцеларии и други фирми. По кусо време, местото на настанот беше обезбедено од вработени во СВР Тетово. Според она што можеше да се види, истражните органи работеа главно на покривот на објектот во кој е сместен ОК на ВМРО-ДПМНЕ. Според членови на ОК експлозивот бил намерно фрлен врз нивниот објект, пришто на покривот е создаден кратер со пречник од 60 сантиметри, а внатрешноста е демолирана. Еден час по експлозијата, на местото на настанот пристигнаа членови на најтесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на партијата Никола Груевски:

„Навистина сме изненадени и шокирани од ова што го гледаме, затоа што се случи на неколку дена пред изборите. Очигледно била намерата да се испрати некоја порака и да се заплашиме, се разбира, работите се во тек, но сосема е јасно, бидејќи е избран, токму Општинскиот комитет, значи не е избрано нешто друго, туку токму Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, пораката е на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа таа порака, ако некој сакал да не заплаши, му враќам назад дека се лаже,“

изјави Груевски.

На местото на настанот беа и претставници на ОБСЕ кои го набљудуваа увидот.
XS
SM
MD
LG