Достапни линкови

Македонските претпријатија не се конкурентни


Македонските претпријатија не се конкуренти како последица на лошо изведениот процес на приватизација, финасиската и производно техничката реструктуризација во грото од нив, која е нужна за да се направат структурините промени во нивното работење, вели Минчо Јорданов сопственик на компанијата „Макстил“ од групација „Дуферко“

„Бидејќи тоа не е направено кај нас не влегуваат странските инвеститори и да ја спроведат реструктуризацијата.“

Според Јорданов сериозно треба да се погледне и рамката со Монетарниот фонд која вели тој се покажа многу неповолна:

„Да се отвори перспектива на адекватно прилагодување и имање реален курс којшто го прави македонското стопанство во принцип конкурентно, т.е. една развојна концепција со ММФ.“

По итно вели Јораднов треба да се направи и вистинска ревизија на законите кои ги регулираат односите мегу доверителите и побарувачите:

„Правото и сопственоста да бидат многу појасни и со многу поголеми одговориности. Ако имаме претпријатија коишто се кредитоспособни тие може да добиваат кредитни средства потребни и за развој и за тековно производство. Најголемиот проблем што го гледам кај нас е тоа што кредиторите, банките или доверителите не се заштитени и затоа нема инвестиции.“

Влатко Георгиевски, извршен директор на АД „Мик“ од Свети Николе смета дека во Македонија најголем проблем е внатрешната и надворешната презадолженост и нерегулираните пред се платежни средства. Не може вели Георгиевски еден граѓански чек да има поголема тежина од еден бариран кој го издаваат стопанските субјекти:

„Во минатото ги имаме искуството кога функционираа мениците, кога можеше со помош на меницата да се затворат долговите меѓу компаниите. Законската регулатива оди во правец на свесната манипулација што се правеше со државата со фантомските фирми и ДДВ-то кое се изигруваше да се плаќа, а на тој начин оние успешни стопански субјекти коишто си ги плаќаат своите обврски се додатно оптоварени на сметка на оние коишто нечесно прават бизнис.“

Георгиевски смета дека кај нас треба да му се даде шанса и на домашниот потенцијал

„Домашната инвестиција во смисла на постоечки заштеди се чуваат затворени, заради немањето сигурност. Секој, плашејќи се дека ќе дојде полошо утре, и она малку што го има сопствен капитал го чува како замрзнат и не го пушта во оптек.“
XS
SM
MD
LG