Достапни линкови

Дали треба да има промени во политиката на мултикултурализмот?


Во Велика Британија е во тек јавна дебата дали да има промени во политиката на мултикултурализмот, која беше владина константа во последните 40 години. Оваа политика сега се преиспитува поради растечката имиграција, создавањето етнички гета и појавата на екстремизам.

Дали мулти-културализмот е причината за повеќето социјални проблеми во Велика Британија?, е прашањето кое се поставува како клучно во дебатите. Се започна со оценката на претседавачот на британската комисија за расна еднаквост, Тревор Филипс, кој изјави за Тајмс дека мулти-културализмот веќе не е од корист и сугерира подвоеност. Филипс додаде дека интегрирана Британија треба да биде еден од заедничките вредности, какви што се демократијата, владеењето на правото и англискиот јазик и оти на британските муслимани треба да им се повторува дека се Британци се додека не го прифатат тоа. Аналитичарот Чарлс Џенкинс смета дека Филипс со таквите оценки не мислел дека Британија треба да се откаже од мулти-културализмот.

„Мислам дека тој се обиде да каже дека, - да, зад мулти-културализмот треба да има нешто што ќе ги обедини луѓето како британски граѓани. Мислам дека е важно да се дискутира што би било тоа што ќе ги обедини.“

Тони Торн, професор по интер-културни студии на Кралскиот Колеџ во Лондон смета дека долги години е малку направено во охрабрувањето на имигрантите да научат повеќе за британските вредности.

„Едно прашање, кое очигледно се вкрстува меѓу мулти-културализмот и државјанството, е сфаќањето на поимите британски и англиски. Тоа е прашање на културно разбирање на секој поединечно, но и на оние што го опкружуваат.“

Торн додава дека се обидува да ги научи студентите да го разберат животот на луѓето во другите држави, односно начинот на искажување на нивниот национален идентитет и врз основа на истиот принцип да се гледа на британските етнички заедници, каде што многу имигранти се поприврзани кон сопствената, отколку кон британската култура. Аналитичарите сметаат дека мулти-културализмот и натаму има позитивна улога во Британија и оти поради некои проблеми не треба да се преминува кон политика на асмимилација, туку да се внесат некои елементи за зголемување на лојалноста на имигрантите. Притоа се посочува примерот со Франција каде што асимилаторската политика дава лоши резултати.
XS
SM
MD
LG