Достапни линкови

Барт Дуг, шеф на „Проксима“. Полицијата се однесуваше добро за време на изборите


Господине Дуг познато е дека „Проксима“ беше ангажирана во помагањето на македонската полиција да обезбеди мирни избори? Во што конкретно се состоеше улогата на вашата мисија?

На самиот ден на изборите „Проксима“ имаше околу 75 тимови на теренот. Тие покриваа различни избирачки места во регионите каде сме разместени. Исто така, имавме тимови кои се движеа од едно избирачко место на друго. Од самиот почеток ние бевме инволвирани во планирањето за обезбедување на изборната операција заедно со министерството за внатрешни работи. Таа соработка не беше само со МВР туку и со регионалните единици на министерството. Како што реков на самиот ден на гласањето ги покривавме избирачките места за да видиме дали наредбите дадени од Министерството за внатрешни работи согласно оперативниот план за однесувањето на полицијата се спроведуваат. Ние исто така бевме инволвирани во советувањето и набљудувањето на тоа како полицијата реагира на одредени инциденти што се случија на тоја ден.

Можете ли да посочите некои примери на инциденти и ангажманот на „Проксима“ во таа смисла?

Па, имаше одреден број помали инциденти во скопскиот и тетовскиот регион каде „Проксима“ беше инволвирана. На пример, во едно училиште во Тетово дојде до вжештување на ситуацијата и полицијата мораше да интервенира. Ние ја набљудувавме состојбата и дававме наши совети како таа да се смири и како да се преземе акција од страна на полицијата.

Каква е вашата оценка за однесувањето на полицијата на денот на гласањето?

Од прелиминарните извештаи, но и од она што јас го имам набљудувано можам да кажам дека наредбите што и се дадени на полицијата согласно оперативниот план за обезбедување на изборите се стриктно спроведувани. Тоа значи, на пример дека е почитувана наредбата на ниту еден начин полицијата да не биде замешана во процесот на гласањето. Тоа исто значи дека е спроведена наредбата за обезбедување на местото на гласањето од можни инциденти, но и доколку тие се случија нивното решавање било направено на професионален начин. Со оглед што не можевме да ги покриеме сите двеилјади деветстотини и повеќе избирачки места колку ги има во Макеоднија ние ги замоливме другите меѓународни организации кои ги покриваат изборите да направат сопствени проценки и се чини дека генералната оценка е оти ангажманот на полицијата за време на гласањето бил извонредно добар

Како тогаш да се објаснат забелешките на една од партиите која има свој кандидат на изборите дека полицијата легитимирала гласачи и им се заканувала на избирачите во општина Ѓорче Петров?

Ние се обидуваме да бидеме професионална организација и да бидеме точни во нашите известувања. За инцидентите за кои станува збор ние немаме информации. На едно од избирачките место кое се спомнува во тие забалешки јас лично бев присутен иако не во време во кое се тврди дека тоа се случило. Она што сега ќе го направиме е анализа на информациите кои ни доаѓаат од една политичка партија но засега според сознанијата на нашите набљудувачи на теренот голем број од обвинувањата не се вистинити.

Продолжува ли ангажманот на „Проксима“ во вториот круг и имали некои промени?

Планирањето за вториот круг останува исто како и за првиот. Промената е во бројот на припадниците на „Проксима“ на теренот. Поради велигденските празници бевме со помал број луѓе, а сега тој ќе биде зголемен. За „Проксима“ како и за целата земја многу е важно изборите да бидат мирни, а полицијата да има улога која и прилега, што значи да биде сервис на граѓаните, да не го попречува или на било кој начин да биде вмешана во изборниот процес. Ние ќе сториме се да помогнеме, но сосема е јасно дека во самото министерство за внатрешни работи оваа порака е многу добро разбрана и наредбите што беа дадени беа мошне јасни.

Како го коментирате пукањето во тетовско по затворањето на избирачките места. Дали е тоа нормална појава за една европска земја каква што македонија сака да биде и мислите ли дека полицијата можеби требаше да интервенира?

Во секоја земја луѓето по изборите имаат свои начини да прославуваат. Се чини дека оваа земја има традиција на пукање при прослави. Но, да бидам јасен јас тоа не го охрабрувам, токму спротивното го осудувам од проста причина што таквиот начин на славење е опасен. Што се однесува до прашањето дали полицијата требала да биде поактивна тоа прашање не би требало мене да ми го упатувате туку на полицијата. Според информациите на нашите луѓе што беа таму полицијата се обидела да ја смири ситуацијата и да го обесхрабри таквото однесување. Но, како што реков јас не бев таму.

Сепак вие сте тука како полициски експерт. Што мислиоте вие, требаше ли можеби да бидат уапсени оние што пукаа?

Јас сум против пукањето но мора да разберете дека во такви ситуации атмосферата може да биде мошне напната и акцијата на полицијата може да ги влоши работите. И впрочем кој треба тука да се обвинува полицијата или луѓето што пукаат?

Пукањето по првиот круг уште еднаш го потврди сознанието за големо количество оружје во земјата. А многу нелегално оружје значи и многу нелегални активности со други зборови криминал. На стартот на проксима најавивте дека ќе направите проценка за приоритетите во борбата на државата против криминалот, особено организиранбиот криминал. Дали таа проценка е готова?

Првиот извештај наскоро ќе биде готов. Тој треба да биде финализиран до крајот на месецов. Она што досега го направивме е целосна проценка на целиот институционален синџир од полицијата преку обвинителството до истражниот судија. Веќе ги започнавме дискусиите со обвинителството и судиите и се надевам дека наскоро ќе предложиме некои сериозни промени. Станува збор за потребата од сеопфатен приод. За да биде појасно ќе ви дадам пример. Ако полицијата има пријави за сто случаи на нелегална трговија со дрога или оружен грабеж и доколку само 50 од нив завршат во обвинителството, веќе 50 случаи се загубени. Од тие 50 кои стигнале доколку обвинителството процесуира само 25, а судството казни само 5 сторители тогаш што можеме да кажеме за резултатот? Со други зборови целиот систем бара подобрување и тоа е она што сакаме да го постигнеме.


Според најавите на МВР во делот на границата кон Грција за неполн месец дена треба да стартува проектот за интегрирано гранично обезбедување. Стратегијата е готово, но што говорат вашите сознанија кога таа ќе започне да се имплементира и каква е улогата на „Проксима“?

Како што знаете тоа е една од главните задачи на нашата мисија. Распоредивме 30 наши полицајци на граничните пунктови во земјава. Тие прават проценки за граничните премини и се обидуваат да дадат најдобри препораки и совети. Тоа е нашата улога во основа да помогнеме во транферот на надлежностите врз границата. Истовремено ние даваме совети и за тоа како на пример треба да изгледа граничен премин согласно европските норми, дававме совети за изгледот на униформите, чиновите на граничната полиција и слично. Што се однесува на подготовките тие не се само на хартија. Наскоро првите кадети на граничната полиција ќе излезат од полицската академија. Објектите, униформите, возилата се подготвени . така што се надевам дека ќе имаме успешен старт на интегрираното гранично управување на почеткот на мај.
XS
SM
MD
LG