Достапни линкови

logo-print

Изостануваат очекуваните резултати


Аграрната реформа пределожена уште пред една и пол година од страна на министрите за земјоделие и труд и социјална политика Славко Петров и Јован Манасиевски не заживеа. Виновни се земјоделците, вели Петров наместо да ја обработуваат земјата, тие ја рентаат:


„Прво не се обработува земјата, туку е земена за со неа понатаму да може да се тргува по друг основ. Второ, не се користи за земјоделско производство, од што трпи државата и граѓаните, туку се работи под закуп и од тоа се влечат огромни средства, а притоа не се плаќа договорената закупнина на државата. Се вади песок, се уништуваат ниви од прва и втора класа итн.“

Земјоделец никогаш нема да го стори тоа што го тврди Петров, проблемот е на кои лица и по кој критерум министерството за земјоделие ја доделува земјата:

„Земјоделците што добиле земја под закуп, строго се придржуваат кон договорите. Можеби таква манипулација има кај оние лица коишто не се земјоделци и коишто на некој начин дошле до таква земја,“

е ставот на Вељо Тантаров претседател на здружението на земјоделци. Проблеми има и во законската регулатива и постапката на доделување на земјата на социјално загрозените фамилии признава Петров:

„Прво морате да извршите парцелизација, па да распишете оглас, па да чекате да помине огласниот рок којшто изнесува осум или петнаесет дена, па да донесете одлука, па да им дадете на луѓето право на жалба, па да чекате исход од жалбената постапка, па да го склучите договорот, што апсолутно кога брзате да стигнете сеидба, како есенската, се покажа како несоодветна.“

Главната грешка е направена кога на социјалните случаи им се доделени само 800 евра со кој тие треба да ја организира комплетната сеидба што практично е невозможно.

„При донесувањето на одлуката покрај земјата од пет хектари, да се даде и парична помош за организирање на производството во висина од 800 евра, таа сума беше многу ниска.“

Поради сите овие слабости за една и пол година министерството за земјоделие и земјодлеците од Свети Николе, каде започна и остана овој пилот проект не успеаја да склучат повеќе од 150 договори:

„Се склучија 186 договори, 30-тина беа повлечени, луѓето се попишманија, така што останаа околу 150 договори, со просечна површина од околу пет хектари.“

вели министерот за земјоделство шумарство и водостопанстов Славко Петров.
XS
SM
MD
LG