Достапни линкови

Поинтензивни контакти со граѓаните, помалку митинзи


Само неколку големи митинзи и повеќе непосредни контакти со граѓаните, вака информираат од изборните штабови на претседателските кандидати Бранко Црвенковски и Сашко Кедев, ќе продолжи кампањата до одржување на вториот круг на изборите за шеф на државава кој ќе се одржи на 28 април:

„Во следните десетина дена ќе се обидеме да го доловиме оној дел од кампањата, кој веројатно не беше доволно експониран во првите десет дена пред првиот круг. Тоа значи дека ќе имаме многу повеќе средби со граѓани, а ќе имаме веројатно само четири големи митинзи. Завршниот митинг ќе биде во Скопје на 25-ти.“

„Планираме да одиме со помал број митинзи, воглавно во поголемите градови коишто не успеавме да ги покриеме во првиот круг поради временскиот теснец. Повторно ќе одиме на голем број непосредни средби со граѓаните, кои се покажаа како мошне успешни,“


велат Владо Бучковски и Ганка Самоиловаска Цветанова први луѓе на Изборните штабови на претседателските кандидати на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Бранко Црвенковски и Сашко Кедев. Бучковски посочува дека активностите ќе бидат во насока да се придобијат неопределените гласачи:

„Очекуваме дека на овој начин ќе се задржи ако ништо друго, овој процент од над 50 насто. Затоа што во вториот изборен круг, покрај тоа што ќе правиме се за да освоиме поголем број гласови од противкандидатот, не треба да заборавиме дека треба да се има таква кампања која ќе ни ги приближи неопределените гласачи.“

Цветанова пак апелира до граѓаните за помасовен одзив во вториот круг и додава:

„Како дел од нашите настапи, ќе се обидеме да им објасниме на граѓаните зошто е толку важно помасовно да се гласа. Бидејќи, граѓанинот е тој што би требало и што мора да одлучува не само за својата, туку и за иднината на својата држава.“

Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека не е разговарано за конкретна поддршка од некоја политичка партија:

„Сметаме дека е исклучително важно, албанските гласачи да го дадат гласот, ненасочени строго од некоја политичка партија, туку да го дадат ценејќи ги квалитетите на кандидатот,“

изјави Цветанова.

Во СДСМ пак сметаат на поддршка од Демократската унија за интеграција на Албанците:

„Без некои посебни комбинаторики или договори, сметаме дека сите ќе се препознаат во изборните принципи и во политиката што на овие избори ја промовира Бранко Црвенковски.“

вели Бучковски.
XS
SM
MD
LG