Достапни линкови

Мирно гласање, трката влегува во втор круг


Мирно гласање, трката влегува во втор круг. Вака накусо светскиот печат известува за вчерашните претседателски избори во Македонија, потсетувајќи дека до нив дојде по смртта на претседателот Борис Трајковски во авионската несреќа во Босна.

Македонците гласаа за избор на нов претседател со малку докази за етнички тензии кои пред три години ја донесоа земјата блиску до граѓанска војна, пишува Интернешнл Хералд Трибјун, наведувајќи дека странските набљудувачи оваа изборна кампања ја оценуваат како најмирна досега. Западните дипломати велат дека исклучувањето на двете водечки националистички фигури од политичката арена помогнала да се промовира побезбеден политички амбиент, се наведува во текстот на Интерншнла Херлад Трибјун, во кој се додава дека дипломатите остануваат загрижени оти овие избори ќе го одложат македонскиот реформски процес. Имено, како што пишува весникот, победата на Црвенковски во вториот круг би значело дека тој ќе треба да поднесе оставка од премиерското место и оти процесот на формирање нова влада трае шеесетина дена. Македонскиот премиер и малку познатиот ривал добија најмногу гласови, што значи дека по две недели трката продолжува, ги пренесува Вол Стрит Џрнал известувањата на агенциите за вчерашните претседателски избори. Во нив се додава дека оваа трка се разликувала од кампањите на омраза во изминативе неколку години, меѓу другото, и поради кратките рокови за нивно спроведување. Констатирајќи дека двајцата водечки кандидати се далеку пред двајцата кандидати на македонското етничко албанско малцинство, весникот Фајненшнл Тајмс ги пренесува и резултатите од неодамнешните анкети спроведени пред вчерашното гласање кои покажуваат дека кандитатот на ВМРО ДПМНЕ Сашко Кедев е рамо до рамо со премиерот Бранко Црвенковски. Претседателската трка, оценува овој весник, ќе има важно влијание врз политичката иднина на земјата. Притоа се потсетува на фактот дека доколку Црвенковски победи ќе мора да биде избрана нова влада, но и на неговата изјава дека ќе поднесе оставка од премирското место и од лидерската функција во СДСМ доколку гласачите за нов шеф на државата го изберат Кедев. Поразот од Кедев, за премиерот ќе значи и поделба на политичката власт во Скопје, пишува Фајненшнл Тајмс додавајќи дека, покрај тоа, постои и загриженост во врска со Охридскиот рамковен договор. И премиерот и Кедев ветуваат дека ќе се придржуваат кон него, но со различни предлози како ќе го прават тоа, заклучува Фајненшнл Тајмс.
XS
SM
MD
LG