Достапни линкови

Потрошени три пати повеќе средства од законски предвидените


Медиумите за време на предизборните кампање вообичаено се соочуваат со неплакање на закупениот простор од политичките партии за претставување на нивните кандидати и платформи. Владо Богоев директор на маркетингот на трите дневни весници Дневник, Утрински весник и Вест чиј доминантен сопственик е германски „Вац“ вели дека овој проблем постојано се повторува:

„За жал, секој весник, секоја компанија е принудена, парите од политичките партии да си ги наплаќа, од циклус до циклус, и молиме бога, некој циклус да дојде порано за да си ги собереме парите од претходните избори. За жал, принудени сме пред секој изборен циклус на партиите да им кажеме да си ги платат парите ѓто ги должат за да може да тргнат со новата кампања.“

Тој посочува дека политичките партии следат како се менува динамиката на кампањата на противникот потоа така ја димензионираат и сопствената и информира кои се цените за пласирање на реклама во овие весници:

„Една страна е 350 евра без ДДВ во Дневник, 320 евра во Утрински и 280 е во Вест. Тоа се цени кои не се менувани веќе три - четири години.“

Ристо Лазаров директор на скопската телевизија „Телма“ пак вели дека во просек секунда за емитување на реклама чини 10 евра. Но, тој истакнува дека за разлика од претходните кампањи, тие овој пат немаат вакви проблеми:

„Според нашите правила, стриктно е предвидено однапред да се платат парите. Ако не се уплатат однапред, нема емитување на реклами. Значи се што оди на програмата на Телма е однапред платено.“

Инаку политичките партии освен за претставување на своите кандидати на медиумите, имаат трошоци и за организирање на митинзи, ангажирање на рекламни агенции, рекламен материјал и слично. Според проценките на „Транспарентност Македонија“, организацијата на митинг за еден ден, што подразбира озвучување, бина, водители и слично, како и реклами во медиуми, исто така за еден ден чини околу 54 илјади евра. Изработката на кампањата во што се вклучени рекламни агенции, продукција и рекламен материјал како летоци, плакати, маици, пенкала и друго вкупно чини околу 330 илјади евра. Ова е, велат во Транспарентност, објективен минимум за кампањите што би го потрошиле политичките партии од македонскиот блок. Според законските прописи тие имаат право да потрошат околу 400 илјади евра, а проценките на Тарнспарентност говорат дека ќе се потрошат три пати повеке финансиски средства:

„Грубата математика вели дека една кампања која што би траела 15 дена, во ниту еден случај не може да се направи под 1,2 до 1,5 милиони евра. Што значи, значајно се надминува сумата којашто смеат политичките партии да ја потрошат.“

изјави Зоран Јачев од оваа институција.
XS
SM
MD
LG