Достапни линкови

Зуди Џелили, претседателски кандидат на ДПА. Македонија влегува во полиитчка криза со неспроведувањето на Рамковниот договор


Господине Џелили, кои беа мотивите кои ве натераа да се кандидирате за претседател на државата?

Овие претседателски избори за ДПА и за Албанците се многу важни. За Албанците, бидејќи Албанците треба да се определат за еден концепт. Дали за концептот за интеграција, или за концептот за чување на албанскиот идентитет во Македонија и целосна рамноправност на Албанците. А, за ДПА се значајни, бидејќи ДПА е најсериозна албанска партија, која цело време, од почетокот на нејзиното основање, се до денеска, го држи праведно курсот на Албанците, нивниот развој и нивната иднина во Република Македонија.

Врз што се темели вашата политичка платформа со која сметате дека ќе успеете да ги придобиете гласовите на избирачите?

Ние имаме големи забелешки на неспроведуавњето Охридскиот договор и мислиме дека Македонија влегува во една политичка криза. Нашата платформа и програма ќе биде изнаоѓање на јасни патеки за да можеме Македонија да ја извадиме од кризата, да ја спречиме натамошната политичка криза во земјата, за да можеме да се вратиме во еден јасен правец, правец кој води на подобрување на економските прилики во државата, да се намалат социјалните програми, и правец кој Македонија ќе ја носи во ЕУ и во НАТО.

На кој начин мислите да ја извадите Македонија од таа политичка криза?

Ние ќе бидеме прецизни, ќе бараме да се определи рок до кога ќе мора да се спроведе Рамковниот договор. Ние ќе бараме нов дијалог со македонската страна, и да седнеме да се договориме, да видиме кои се проблемите и зошто не се имплементира Рамковниот договор. Ние не сме задоволни и можеме да го аргументираме неспроведувањето на Рамковниот договор, со самото тоа што ние алармираме дека состојбата не е како што треба, дека Албанците не се задоволни, тие мислат дека Албанците без да ја гледаат еднаквоста ќе бидат задоволни. Се лажат, а и меѓународната заедница укажува дека во Македонија обичниот граѓанин сеуште не го чувствува Рамковниот договор.

По вашите митинзи често може да се слушне оценката дека Охридскиот договор, како што рековте не се спровдува и изразувате скептицизам во таа насока, па дури може да се слушнат и старите ваши идеи, односно на вашата партија за поделба на Македонија?

Видете, во Македонија работите беа сведени на јасни цели и јасни патишта. Меѓутоа, некој намерно ги заобиколува овие работи и играат со Рамковниот договор. Мислат дека Албанците ќе имаат трпение, Рамковниот договор да се спроведе за десет – петнаесет години. Знаејќи, дека тој договор дојде како резултат на воен конфликт, јас мислам дека нема потреба некој да калкулира и да манипулира со Рамковниот договор. Кога велиме дека не сме задоволни, еден од столбовите што го убеди Албанците да ја прекинат војната, беше ветувањето дека тие ќе ги остварат своите права таму каде што живеат преку силни општини. Два закони, коишто излегоа од пакетот за децентрализација не ги исполнуваат тие ветувања, односно нивниот квалитет не е на рамниште да ги исполнува барањата на Албанците. Така што, мислиме дека некој намерно, со вакви закони, неквалитетни, сака да добие на време, а од друга страна им се додворува на меѓународната заедница дека го спроведуваат Рамковниот договор. Додека некој вака се обидува, ние како ДПА, како опозиција, ќе ги артикулираме незадоволствата на Албанците, во врска со неспроведувањето на Рамковниот договор. Не ќе можеме вечно само да бараме права, а тој што е должен да го спроведува Договорот, ако намерно го избегнува, тогаш нивна ќе биде вината, а не на ДПА. Ќе имаме нови кризи, ќе имаме нови недоразбирања, што не е за доброти на нитуеден народ во Македонија. Ќе се бараат нови решенија, ако не функционира еден модел, ќе се бара друг модел. Во светот се познати, во политичката теорија, два модели на држави, етнички и мултиетнички, ако едниот модел не функционира, доаѓа до создавање на другиот модел.

Останувате ли на ставот за промена на државното знаме и химна?

Додека владеачката коалиција не преземе нешто, со закон да ја уреди оваа материја, ние ќе настојуваме, односно и понатаму ќе продолжиме со албанско знаме и химна, бидејќи албанското знаме е национално знаме на сите Албанци во светот и во случај Република Македонија да донесе Закон за државно знаме, Албанците секогаш ќе го употребуваат своето национално знаме, меѓутоа во иднина можеби покрај државното знаме. Меѓутоа, државното знаме треба да ја претставува реалната слика, мултиетничката Македонија.

Ќе го почитувате ли државното знаме доколку станете претседател на Македонија, бидејќи сепак се кандидирате за претседател на Македонија?

Видете, додека оваа материја не се решава, ќе се продолжи по старо, значи ќе се почитуваат сегашните закони, меѓутоа ќе настојуваме што побрзо да се донесат нови, квалитетни закони, кои велам уште еднаш ќе покажуваат дека Македонија е една мултиетничка држава на повеќе заедници.

Неодамна имавме немири на Косово, тие за среќа не се одразија на состојбите во Македонија. Како според вас би влијаел конечниот статус на Косово кон Македонија?

Јас мислам дека нема сила што може да го врати Косово од патот до независноста. И меѓународната заедница ми се чини дека се повеќе настојува тој ден да биде што поскоро. Јас би рекол дека Македонија тука треба да игра клучна улога, односно да биде меѓу првите што ќе иницира признавање на независноста, бидејќи, ако во Косово дојде до поделба на територијата, можно е такви поделби да се случат и во другите соседни држави. Затоа што поскоро, македонските политичари треба да сфатат дека иднината на Македонија ќе биде побезбедна, односно поперскективна ако Косово еден ден порано стане независно. Така мислам дека ќе биде и подобро.

Несомнено е дека Македонија се наоѓа во економска криза. На кој начин може да се излезе од економската состојба?

Бидејќи претседателот на државата ја претставува државата надвор, во светот, јас мислам дека во тие дебати, во тие средби со разни државници и разни институции, претседателот треба да биде личност што ќе ги убеди странските инвеститори да дојдат и да инвестираат во Македонија. Бидејќи, мислам дека без странски инвестиции Македонија тешко дека ќе ја преброди оваа тешка економска криза. И за да може тој да биде успешен на тие средби, и да бара помош да излеземе од кризата, тој прво мора да биде многу чесен, морален човек, човек кој ќе ја прикаже вистината за Македонија. Зашто, ако ние се обидуваме нив да ги лажеме, односно да ги убедиме дека е поинаку, отколку што е вистината во Македонија да знаете дека нема да има инвестиции, а такви примери имаме 2003 во Македонија се влезени само седум милиони долари како странски инвестиции. Тоа е нула за Македонија. Бидејќи, не ја прикажуваат вистината за Македонија. Без стабилна политичка ситуација, не можеме да зборуваме за економски план, бидејќи никој не доаѓа да инвестира таму каде што има политичка криза.

Доколку не поминете во вториот круг, имате ли веќе решено кон кого ќе ги насочите вашите гласачи да го дадат својот глас?

Ние за сега, чекаме да видиме што ќе се случи во првиот круг. Потоа, сигурно централното претседателство ќе седне и ќе бара конкретни договори, меѓутоа не за добробит на индивидуи, не за групни интереси, туку за интересите на Албанците во Македонија. Значи, ако се нафати некој да ги исполни барањата на Албанците, тогаш може да ги насочиме гласовите. Меѓутоа, се сомневам дека ќе можеме да најдеме заеднички јазик со Бранко Црвенковски, и да ги насочиме гласовите кон него, бидејќи тој кај Албанците е познат како човек што во својата кариера има направено многу лоши работи за Албанците.

Мислите дека со Кедев полесно ќе се договорите?

Ако помине, првиот круг, и ако е фаворит, тогаш веројатно ќе следат средби, но за овие работи ќе одлучи централното претседателство.
XS
SM
MD
LG