Достапни линкови

logo-print

Неосновано барање, законот важи за сите


Барањето на новинарите тие да бидат изземени од предвидената казна затвор за сторено кривично дело клевета и навреда е неосновано, велат експертите за реакцијата на Здружението на новинари на постоечката казна затвор за клевета и навреда во Кривичниот законик. Тие објаснуваат дека овие кривични дела можат да ги сторат и други лица, а не само новинари. Оттука се поставува прашањето зошто само новинарите да бидат изземени од затворската казна:

„Новинарите не би требало да бидат изземени од онаа општа категорија, од оној општ субјект. Кривични дела од страна на сите субјекти, затоа што клеветата и навредата не може да извршат само новинари, туку било кој којшто ќе има јавен настап. Зошто новинарите да бидат изземени од едно општо начело? Не сакам да бидам погрешно сфатен од таа фела, меѓутоа тоа може да биде секој, може да биде професор на факултет којшто секојдневно настапува во медиумите, тогаш новинарите ги ставаме во една привилегирана ситуација,“

изјави професорот по Казнено право Никола Тупачнески кој информира дека казна затвор за овие кривични дела постои и во другите европски држави. Мирче Адамчевски член на Советот на честа при Здружението на новинари, вели дека барањето за укинување на казната затвор е да се заштитат новинарите. Според него постоењето на ваков вид казна доведува до повеќе работи:

„Ќе дојде до автоцензура, второ изворите на информации ќе се плашат да даваат изјави зашто ќе се плашат дека новинарот ќе мора да го октрие изворот. Така што, може да има парична казна, затвор никако.“

Тупачески пак укажува дека нема дилема дека треба да се заштитат новинарите во случај да објават нешто вистинито, односно во тој случај никој да не атакува врз нив. Но, според него не може единствено тие да се изземат од ваков вид казна:

„Треба да се направи нешто за новинарите да добијат сигурност. Кога ќе го пишуваат текстот, ако е вистинит, никој да не може да атакува врз објективноста и независноста на новинарот. Меѓутоа, сведоци сме дека во Македонија е честа појавата кога новинарите пишуваат се и сешто.“

Инаку бројките од судската пракса говорат дека голем дел од поднесените кривични тужби за клевета и навреда се против новинари. На пример во 2002 година се поднесени 105 тужби, од кои 46 се против новинари, а во текот на минатата година од вкупно 78, 41 се поднесени против новинари.
XS
SM
MD
LG