Достапни линкови

Градот преплавен со бонови и вредности писма како ново платежно средство


Повеќе од десет години, неколку битолски фирми, недозволено и пред очите на власта вршат упад во платниот промет на државата. Станува збор за бонови или вредности писма, преку кои тие им исплаќаат цели или делови од месечните примања на своите вработени. Како почетна алка од ланецот на финансискиот сканда, портпаролот на локалниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ од Битола Иван Јолевски ја посочува фирмата „Жито Битола“, каде околу 600 вработени се принудени да преживуваат со бонови:

„Фирмата „Жито Битола“ изврши упад во плантиот систем на земјата и покрај денарот во оптек пушти нова валута. Така во Битола, покрај денарот сега во Битола циркулираат и бонови како ново платежно средство. Се вршат трансакции со бонови, се плаќаат извршени градежни работи со бонови, така што сега градскиот пазар и менувачниците во Битола се преплавени со бонови како ново платежно средство и истите се разменуваат со 30 насто провизија.“

Пред неколку месеци бонови се делеа и во некогашен „Прогрес“, а вредносни писма добиваат и вработените во битолската трикотажа:

„Земаме бонови. Принудени сме да ги трошиме во продавници на газдата или во продавници на негови соработници. Асортиманот на производите е сиромашен и скап. Доколку ги смениме губиме многу пари,“

раскажува еден од илјадниците битолчани соочени со оваа проблематика. Факт е дека оптекот на бонови и вредности писма во целост го нарушува функционирањето на фискализацијата во Битола. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Битола Спире Мавровски со пратеничко прашање упатено до министерот за финансии Никола Поповски:

„Како ќе се прави фискализација во Република Македонија кога и понатаму се употребуваат вредносни бонови и вредносни писма? И колку со тоа се нарушува комплетната финансиска конструкција на државата Република Македонија?“

Одговорот на министерот за финансии Поповски пак, се состои од фотокопии на делови од законот за спроведување на фискализацијата објавени во службен весник, без притоа да биде наведен ниту еден збор за боновите или вредносните писма пуштени во оптек во битолската малопродажна мрежа. Проблемот датира од поодамна, но случајно или не се актуелизира само во изборни кампањи. Оштетените граѓани обвинуваат дека ниту власта на Георгиевски, ниту оваа на Црвенковски нема слух за негово елиминирање.

Инаку, пуштањето во оптек на бонови и вредносни писма се смета за кривично дело против јавните финансии и за сторителот според член 269 од законот за казнена постапка следува казна од една до десет години затвор.
XS
SM
MD
LG