Достапни линкови

logo-print

Зацврстување на воената соработка во рамките на ЕУ


Министрите за одбрана на Европската Унија неделава во Брисел се согласија да преземат неколку амбициозни чекори кои треба да придонесат за зацврстување на воената соработка во рамките на Унијата. Зелено светло е дадено за формирање европски штабови и централна агенција за вооружување, за преземање на мисијата од НАТО во Босна и за допрецизирање на плановите за нови европски сили за брза реакција.

Координаторот на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана на состанокот во Брисел вети дека годинава ќе биде обновен еланот во напорите за зацврстување на воената соработка во Унијата. Притоа, тој најави дека неколкуте нови чекори во таа насока ќе бидат одобрени за време на претстојниот јунски самит на Европската Унија. Станува збор за формирање нова агенција за вооружување и европски штабови, како и за заменување на постојната НАТО мисија во Босна со нови сили наречени ЕУФОР. До декември сите овие одлуки би требало да бидат спроведени, изјави Солана, најавувајќи дека истовремено со тоа ќе почне и планирањето за создавање други сили за брза реакција кои треба да претставуваат замена за претходниот неуспешен обид на Унијата да се здобие со такви сили до две илјади и третата година. Станува збор за петнаесетина илјади војници кои би требало да бидат операционализирани до две илјади и десетата.

„Значи, две илјади и четврта е многу спектакуларна година за Европската безбедносна и одбранбена политика. Понекогаш, кога ги имате на ум настаните што ќе се случат во текот на оваа година во Унијата, можеби сте песимисти. Но, не би требало. Вие навистина треба да бидете оптимисти.“

рече Солана, додавајќи дека европското преземање на НАТО мисијата во Босна било одобрено од Соединетите Држави. Солана најави дека првичниот број од седум илјади евро војници би требало од идната година да се намали на неколку стотици. Инаку, во Европската Унија сметаат дека со формирањето централна агенција за вооружување која ќе има за цел да ги координира воените индустрии во земјите членки на Унијата ќе се намалат сегашните големи трошоци за одбрана. Сепак, според ирачкиот министер за одбрана Мајкл Смит, клучен аспект на европските воени амбиции е формирањето сили за брза реакција.

„Европската Унија треба да биде способна да дејствува брзо. Тоа e централна задача на нашите напори. Обединетите Нации покажаа големо интересирање за ваквите европски сили.“

Плановите се тие да бидат организирани во баталјони од по илјада и петстотини војници кои би биле способни за петнаесет дена да се распоредат во кој било дел на светот.
XS
SM
MD
LG