Достапни линкови

Продолжуваат судирите меѓу сојузничките сили и шиитските милитанти


Во Ирак и денеска продолжија оружените судири меѓу сојузничките сили и шиитските милитанти. Агенциите јавуваат дека најжестоки биле оние во Насирија меѓу италијанските војници и приврзаниците на шиитскиот лидер Моктада ал Садр. Во меѓувреме, американските сили започнаа обемни операции во Багдад и во Фалуџа во потрага по ал Садр по кого ирачкиот суд распиша потерница. Кој е Моктада ал Садр и колку е моќен?

,,Нема да дозволиме да го уапсат ни Американците, ни Британците, ни кој и да е друг“ е порачано од кацеларијата на Моктада ал Садр во Багдад веднаш по распишувањето на потерницата под сомневање дека ал Садр бил поврзан со убиството на еден ривалски верски водач. Потерницата уследи по започнувањето на оружените судири меѓу неговите приврзаници и сојузничките сили во кои загинаа десетици луѓе од двете страни. Се почна по одлуката на Пол Бремер, американскиот администратор во Ирак, за затворање на весникот ,,Ал хавза,, близок на ал Садр поради поттикнување на насилство во земјата. Ал Садр, за кого се верува дека има околу триесет години, потекнува од моќна верска династија. Тој е син на Големиот ајатолах Мохамед ал Садр, кој пред пет години беше убиен од агентите на Садам Хусеин со што стана еден од најголемите симболи на шиитскиот отпор против поранешниот ирачки режим. Според Ларби Садики, професор за Блискиот исток во Лондон, Моктада ал Садр е успешен популист, но и без доволно искуство за да стане сериозен лидер во хиерхаријата на ирачките шиити каде што се уште е неприкосновен големиот ајатолах Али ал Систани.

„Еден збор од Систани и мислам дека целата работа ќе експлодира. Нема сомневање околу тоа. Доколку Систани го наредеше бунтот, тогаш ќе имаше вистински конфликт, вистинска војна.”

Вели професор Садики, кој сепак оценува дека не треба да се потценува ни моќта на ал Садр. На тоа впрочем и укажа и американскиот администратор Пол Бремер кој рече дека Ал Садр се обидува да воспостави сопствена власт наместо она легитимната, на Ирачката влада и на коалицијата.

„Ал Садр повика на напади врз ирачките сили и врз коалицијата и со тоа е одговорен за жртвите во тие напади.”

изјави Бремер. Инаку, и покрај најновите судири во Ирак, американскиот претседател Џорџ Буш вчера изјави дека тој решен да и ја предаде власта на ирачаните како што е планирано, на триесетти јуни годинава.

„Намерата е да се испочитува поставениот рок. Верувам дека ќе можеме да ја предадеме власта на тој ден,”

рече Буш, кој, поради најновите насилства во Ирак, како што јавуваат агенциите, доживува се поостри критики од опозиционата Демократска партија. Сенаторот Едвард Кенеди, оценувајќи дека Џорџ Буш е измамник, за прв пат го спореди со поранешниот претседател Ричард Никсон кој поднесе оставка поради губењето на поддршката на јавноста. Кенеди изјави дека поради тоа Ирак станал бушов Виетнам.
XS
SM
MD
LG